Грешките, обично, предизвикуваат револт. Но има и такви, кои покрај револтот предизвикуваат и смеа.
Ни беше соопштено од една телевизија дека Цеца Ражњатовиќ ќе останела една година во домашен притвор, но за да може да се следи нејзиното евентуално, недозволено движење, ќе носела електронска НАРАКВИЦА на ногата. Зар ова не е смешно? Нараквица на ногата. Постојат некои алки, некои белезици, кои се носат на раката (кај жените). Некои ги викаат нараквици (ракавици). Но, тие се носат на раката и затоа се викаат НАРАКВИЦИ или РАКАВИЦИ. Електронската алка што ќе ја носела Цеца на ногата, по електронски пат, ќе давала определени сигнали и така ќе можело да се следи нејзиното движење. Но, во ниеден случај тој предмет не може да се нарече НАРАКВИЦА, само поради тоа што има иста форма како нараквицата (алката, белегзија, гривната) што се носи на раката. НАРАКВИЦА на ногата!? Можеби ќе чуеме некогаш да се облекува ногавица на раката.
Пред поголемите празници гледаме честопати разни емисии во кои гостуваат свештеници, етнолози, историчари и слично. Така беше и пред годинашниов Велигден. Водителката разговара со гостинот. Образложува таа (повеќе од гостинот), објаснува, дека постоеле БИЗАРНИ обичаи. Толку БИЗАРНИ, што дури биле и ЧУДНИ. Кутрата! Не знае дека БИЗАРНО, значи токму тоа – ЧУДНО, НЕОБИЧНО. Значи, постоеле, ЧУДНО ЧУДНИ обичаи.
И ова е, исто така, смешно како она за нараквицата на ногата од Цеца.
Една друга водителка на телевизија зборува за една славна личност, за еден човек со многу човечки карактеристики. Вели дека тој човек го краселе ХУМАНОСТА и ЧОВЕЧНОСТА, а тоа е исто. ХУМАНОСТ значи ЧОВЕЧНОСТ. И оваа конструкција е смешна.
Еден спортски коментатор, од една телевизија, прави преглед на резултатите од некоја фудбалска лига. Зборувајќи, во еден момент тој сака да ни каже дека “Младост” од Кривогаштани ја победила “Црна река”. Но тој не вели така, тој сака да биде “покултурен”. Тој вели: “Младост” од Кривогаштани ја добил “Црна река”. Блазе му на тој клуб “Младост”! Тој сега ќе си има “Црна река”, бидејќи си ја добил.
Ваквите несмасности предизвикуваат смеа, но предизвикуваат и недоумица. Што е тоа што ги тера тие луѓе вака да ги конструираат своите реченици. И во други случаи сме слушале да се вели дека “Вардар” ја добил “Победа”, дека “Барселона” го добила “Реал”. Може да се рече дека “Вардар” го добил натпреварот со “Победа”, дека “Вардар” ја победил “Победа”. Но, да се вели дека “Вардар” ја добил “Победа” или дека “Младост” ја добила “Црна река” е сосема погрешно, нелогично, па и смешно.
Има еден поздрав, еден благослов што го слушаме многупати – БИДИ ПОЗДРАВЕН. И тоа е смешно, ако размисли човек малку подлабоко.
Поздравите, благословите (наши) содржат во себе желба која сакаме да ја упатиме некому. Желба за нешто убаво. Ако сакаме да поздравиме некого, ние сакаме тој да биде здрав, да има добро здравје. Тоа му го пожелуваме. А во благословот – БИДИ ПОЗДРАВЕН, нема такво нешто. Нема желба, туку има наредба. Да го споредиме тоа со една конкретна, материјализирана желба. Ако некој човек нема леб, а ние имаме желба да му помогнеме, што ќе направиме? Ќе купиме леб и ќе му речеме – “Еве, ти давам леб”. Ако го споредиме ова со споменатиот поздрав – БИДИ ПОЗДРАВЕН, исто како да сме му рекле – КУПИ СИ ЛЕБ. На таков начин, ние се дистанцираме од желбата да му биде добро на човекот, да има добро здравје, или да има леб. Истото значење би било и ако сакаме да испратиме поздрав на некој близок преку некого. Замислете, наместо – “Поздрави го чичко ми”, да речеме “Кажи му на чичко ми нека биде поздравен”. Смешно, зар не?
Идентичен е случајот и со редовните поздрави што ги слушаме – “Имајте пријатна вечер”.
Ако се проанализираат убаво сите тие се смешни. А и сите ние сме смешни што ги преземаме од други јазици, каде што, можеби, се логични!
Благоја Ивчески