САМОУБИСТВОТО КАЈ МЛАДИТЕ

Во Австралија, повеќе од 400 млади лица меѓу 15 и 24 години се самоубиваат секоја година. Има повеќе млади кои умираат од самоубиство, отколку од сообраќајни несреќи. Пубертетот кај младите може да донесе стрес, енгзиозност, депресија и тотална конфузија. Иако повеќето минуваат низ овој период без поголеми проблеми или последици, некои се чувствуваат толку безнадежни и беспомошни, што решаваат да посегнат по својот живот, мислејќи дека тоа е најлесен начин на решавање на својата конфузна состојба. Постојат повеќе причини зошто младите се самоубиваат но најчестите ризични причини се следниве.

1. Депремираноста (депресијата), расположението кај тинејџерите постојано се менува, а главно тоа е резултат на нивните хормонални промени, но некогаш младото лице покажува симптоми на депремираност (депресија), како што се: губење на интерес во секојдневните активности (спорт, учење, работа, итн.), повлекување во себе, одбегнување од пријатели, губење на енергија и мотивација, лошо мислење за себе, губење или добивање на телесна тежина и промена во навиките со спиење.

2. Лутина и бес, Младите понекогаш имаат голема лутина. Не знаат да ја контролираат. Импулсивноста и емоционалните набои ги водат до деструктивни однесувања при што користат алкохол или дрога да ја минимизираат лутината. Некои се оддаваат на коцкање или незаштитени сексуални односи при што се вовлекуваат во поголеми проблеми.                                                                                                   3. Проблеми во семејството, постоњето на насилство и малтретирање во семејството, негативно се одразува врз младите. Често се обвинуваат за семејните проблеми, ако немаат поддршка од најблиските. Некогаш можат да бидат премногу заштитени од родителите или не добиваат слобода, (загушени) да се социјализираат или да го искажуваат мислењето. Често се јавуваат судири меѓу младите и родителите. Доколку не се решат на време тогаш може да има потешки последици.

4. Ментално заболување, нарушување, покрај депресијата, постојат други видови ментални болести, кои претставуваат ризик за младите, како што се големата депресија, маничната депресија, шизофренијата, енгзиозноста и др. Некои од овие болести тешко се прифаќаат, бидејќи лекувањето е долгорочно и негативно влијаат врз иднината на младите.                                                                                                       5. Социјално-општествени проблеми, хроничната невработеност, финансиските проблеми, проблемите на работа, со учењето, со партнерот или со своите пријатели, влијаат врз негативното мислење за способноста и самопочитувањето.

6. Трауми, некои млади минуваат низ трауматичен период, поради војна, смртен случај или поради сексуално и физичко злоставување, насилство.

7. Други причини, младите некогаш се збунети околу својата сексуална припадност за што и се исмејуваат од своите најблиски. Некогаш страдаат по сексуалниот неуспех со своите партнери, посебно кога врската се прекинува.

Младите постојано треба да се поткрепуваат и да им се нуди разбирање, без да се обвинуват или осудуваат за размислувањата. Треба да им се нуди љубов, почитување, добра комуникација, стабилност во семејството и местото на живеење. Во овој процес, најповеќе можат да помогнат родителите, другите членови од семејството, наставниците, блиските другари, советниците за млади и семејните лекари.

Главно треба:

– Да се слушаат младите кога зборуваат и се обидуваат нешто да објаснат или го искажуваат своето мислење. Доколку не побарале совети, тогаш погрешно е да им се нуди совети.

– Да се гради добар однос со тинејџерите и младите. Ова се постигнува со взаемно дружење и правење активности кои ги сакаат, но не и да им се наметнуваат и да им се урива и повредува нивната приватност. Доколку искажуваат вознемиреност, сочувствувајте со нив без да ги обвинувате да можат поотворено да зборуваат за проблемите.

– Да им понудите поткрепа кога се во тешки ситуации, на пример, кога имаат проблем со родителите, другарите, полицијата, училиштето, вработувањето, љубовните врски, бракот, итн.

– Да побарате стручна помош, ако младото лице страда од некаква ментална болест. Повеќето од менталните болести почнуваат во пубертетот. Раната интервенција, може поуспешно да ги лекува менталните болести.

– Заканите за себеповредување или самоубиство сфатете ги сериозно. Со тоа младото лице бара помош за ситуацијата во која се наоѓа, а не секогаш значи дека вистина ќе посегне по својот живот. Бидејќи ризикот е голем, најдобро ќе биде да зборувате за тоа со своите најблиски, вашиот лекар и со персоналот во центрите за ментално здравје. Држењето во тајност на ваквите проблеми, може само негативно да се одрази не само врз вашето здравје, туку и врз здравјето и животот на младото лице. Да не се игнорира барањето помош од младото лице.

Душан Ристевски

терапевт и советник за ментално здравје

Сиднеј, Австралија

е-маил: [email protected]

Loading