ОСМИ АВГУСТ КОБЕН ЗА 10 ПРИЛЕПЧАНИ

Осми август 2001 година ќе остане запаметен во поновата историја на Прилеп како кобен ден. Наеднаш згаснаа животите на десетмина млади бранители на суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. Десетмината заедно со стотината соборци, во два автобуси, тоа августовско утро тргнаа кон Тетово. За жал, кај месноста Карпалак, беа пресретнати од терористи. Истрелите засекогаш ги згаснаа животите на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељановски, Веби Рушидоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Ќе останат вечно забележани во поновата историја на градот, кој достојно им се оддолжи. За годишнината од погибијата се подигна споменик во касарната, се отвори спомен соба со фотографии на загинатите и се откри спомен обележјето кај тринаесеткатницата. За 10 годишнината, се крена грандиозен паметник, “Карпалак”, висок 18 метри, на чиј врв пулсира топка, која симболизира вечност. Често се зборува да не се повтори тој кобен ден, но и да не се заборави. Постојано да се потсетува што е загубено. Идните генерации нужно е да знаат, да ценат и почитуваат. Десетмината се трајно врежани во срцата на најблиските. Децата, родителите и сопругите и ден денес, по 10 години, не се помируваат. Не говорат, оти им е откинато парче од срцето. Болката по загубеното остана и по минувањето на годините. Никогаш нема да преболиме – велат родителите на загинатите.

ПРОГРАМА

за одбележување на 10 годишнината од масакрот кај Карпалак

7 АВГУСТ

17.00 ч. Положување цвеќе на споменикот во касарната “Мирче Ацев” и посета на спомен собата

18.30 ч. Положување цвеќе на споменикот во селото Лениште, посета на манастирот “Св. Петка”

19.00 ч. Петтолебие од преживеаните на Карпалак и манастирска вечера

8 АВГУСТ

6.00 ч. Тргнување на Карпалак од пред собрание

7.30 ч. Положување цвеќе на гробовите на загинатите борци

9.00 ч. Панихида во црквата “Св. Благовештение”

12.00 ч. Одбележување на настанот пред комплексот “Карпалак” во центарот на градот

13.00 ч. Заеднички ручек во манастирот “Св. Петка” во с. Лениште

Loading