Растурањето на брачната заедница го нарушува физичкото и менталното здравје. Испитувањата покажуваат дека со склопување на брачната заедница, мажите значително го подобруваат здравјето, а жените ја подобруваат финансиската благосостојба. Ако бракот пропадне, за жал, страдаат двете страни, особено кога има деца во брачната заедница. Да се намали стресот и траумата од разделувањето, а со тоа и да се заштити физичкото и менталното здравје, потребно е да се посвети внимание.
Намалување на конфликтот
Доколку конфликтот меѓу партнерите е поголем, поголема е и шансата да се добијат здравствени и ментални проблеми. Важно е, уште во почетокот, партнерите да се договорат за финансиите и каде ќе припаднат децата. Оти нема победници, туку е битно побргу да се најде решение за враќање во нормалниот живот. Во брзото решавање на конфликтот, децата имаат последици. Изложени се на конфликти, кои им предизвикуваат повеќе емоционални последици во споредба со другите.
Одбегнувајте зависно однесување
Многумина почнуваат да пушат, да посегаат по алкохол или по дрога за да ги ублажат болките. Страдањето се ублажува со советник, кој поттикнува преземање на поздрави мерки, како на пример, да одите на излети или патувања, правење на вежби или започнување хоби.
Работење
Работењето е добра терапија за оддалечување од деструктивноста, поради распаѓање на бракот. Важно е да не се посвети целото време на работата. Потребна е добра рамнотежа меѓу работата, забавата и времето за одмор.
Здравјето е најважно
Важно во овој период на животот е да се посвети повеќе внимание на физичкото и менталното здравје. Јадење здрава храна, одбегнување пушење и земање алкохол, нормално спиење, релаксирање… Тоа се начини кои помогаат полесно да се пребродат разделувањата.
Посетете финансиски советник
Оставените жени имаат најнизок степен на заработувачка, пензиски придонес или недвижен имот во споредба со жените во брак или пак од оставените мажи. Ова го зголемува стресот и ја намалува можноста, ако има потреба, да најде подобра здравствена нега. Добар финансиски совет може да помогне во реорганизирање на буџетот и намалувањето на постојаниот стрес.
Осаменоста е голем непријател
При соочувањето со новиот животен подвиг, не треба да се дозволи целосно обземање од осаменоста. Студиите покажале дека лицата, чувствителни на осаменост се соочуваат со поголем ризик од добивање на физички и ментални проблеми, отколку оние кои ја прифатиле ситуацијата. Подобро е дасе контактира со роднини или пријатели за ангажирање во некои активности кои предизвикуваат задоволство.
Одбегнувајте негативни пријатели
Сите пријатели нема да помагаат при тешките моменти. Многумина можеби советуваат да “земете што може повеќе од него или од неа”. Ова можеби охрабрува, заборавајќи на физичката и менталната истоштеност од “борбата” до целта. Со тоа само се креира омраза и негативна енергија. Важен е изборот на пријатели кои се позитивни и инспиративни.
Побарајте професионални совети
Постојат Центри за брачно советување, кои нудат бесплатни и професионални совети. Има стотици брачни советници кои помагаат за намалување на негативните последици од распаѓањето на брачната заедница, скусување на периодот на заздравување и враќање во нормалниот тек на животот. Така најмногу се штити физичкото и менталното здравје.
Душан Ристевски – терапевт и советник за ментално здравје од Сиднеј, Австралија