ТРАГЕДИЈА

ТРАГЕДИЈА, ТРАГИЧНО, ТРАГИЧЕН настан. Зборови кои мошне често ги слушаме и ги читаме во медиумите. Дали е погодено секогаш вистинското значење на овие зборови? Ќе започнеме со зборот ТРАГЕДИЈА. Често употребуван збор. Најмногу во драматургијата и во театрите. Да почнеме од првичното значење на зборот ТРАГЕДИЈА. Зборот има грчко потекло. ТРАГОС значи јарец (прч). Станува збор за жалосна, несреќна театарска игра, во која главниот лик го губи својот живот, обично, поради некои возвишени цели. Во стара Грција се приредувале разни игри во чест на богот Дионис, (во Рим на Бахус) хорот пеел тажни, жалосни песни. На Дионис (Бахус) му се принесувал јарец како жртва, а хористите биле облечени во кожи од јарци и пееле тажни песни. Според тие игри настанал зборот ТРАГЕДИЈА, најмногу употребуван во драматургијата и во театарот. А се употребува, како што рековме, и во некои други ситуации, кога ќе се случи некоја несреќа, некој непожелен настан. Кога ќе се случи некоја сообраќајна несреќа, а некој ќе го загуби животот, се практикува да се рече дека тој и тој човек ТРАГИЧНО го загубил животот. Ваков израз слушаме и при евентуална железничка или авионска несреќа. И во таквите случаи, слушаме и читаме, дека некој човек или некои луѓе ТРАГИЧНО го загубиле животот. Токму ваквите изрази не натераа да размислиме, дали е тоа логично? Дали е правилно да се рече дека некој го загубил животот ТРАГИЧНО? Ако се потенцира начинот на загубување на животот, ако се вели дека бил ТРАГИЧЕН, значи дека постои и некој друг начин. Значи дека постои губење на животот и на некој поинаков начин. А каков би бил тој? Обратно од ТРАГИЧНОТО е КОМИЧНОТО, РАДОСНОТО. А може ли некој живот да се загуби КОМИЧНО или РАДОСНО. Се разбира дека не. Затоа, сметаме дека е погрешно, ако се нагласува дека некој ТРАГИЧНО го загубил животот во сообраќајна, во авионска или во каква и да е несреќа. Секое губење на животот е ТРАГИЧНО. Многу често слушаме на телевизиите, за некои попознати личности, дека починале на таква и таква возраст. Или ќе чуеме дека поминале толку и толку години од смртта на таа и таа личност. А ако некоја смрт настанала од сообраќајна несреќа или во некои други невообичаени околности, ќе чуеме дека поминале толку и толку години од ТРАГИЧНАТА смрт на таа и таа личност. Значи, дека некој го загубил животот на ТРАГИЧЕН начин а некој на некаков поинаков начин. Нема смрт што не е ТРАГИЧНА без разлика во какви околности е настаната. Секоја смрт е ТРАГИЧНА, независно од тоа дали е од болест, од старост, од несреќен случај или од што и да е. Смртта е несреќен настан, жалостен настан, смртта е ТРАГИЧЕН случај. Затоа, не е потребно да се разграничува и да се карактеризира ваква или онаква смрт. Сме чуле дека во некои околности некој несреќно го загубил животот. Грешка. Не постои СРЕЌНО губење на животот. Може (и треба) да се рече дека во некој определен ТРАГИЧЕН (несреќен) настан некој го загубил животот, а не дека во настанот ТРАГИЧНО го загубил животот. Може исто така да се рече дека во соодветната авионска ТРАГЕДИЈА (несреќа), толку и толку луѓе го загубија животот. Може да се рече дека на автопатот се превртило возило, се случила ТРАГЕДИЈА во која возачот го загубил животот. Погрешно е да се нагласува дека ТРАГИЧНО (несреќно) го загубил животот. Без доволно да размислиме ни се случуваат вакви грешки за кои и самите не сме свесни дека грешиме. Можни се многу трагедии, многу трагични настани во кои се губат и човечки животи, а нивното губење е секогаш ТРАГИЧНО. Не треба да се потенцира дека некој умрел трагично а некој друг, некако поинаку.

Благоја Ивчески

Loading