ЉУДОЖДЕРИ – ЧОВЕКОЈАДЦИ

Секоја земја има луѓе со кои може да се гордее. И Македонија има такви луѓе. Пред некое време гледавме на една телевизија разговор со таков човек. Висок специјалист од областа на медицината. Навистина, Македонија треба да биде среќна што има такви луѓе. Разговорот не е со некоја цврсто определена тема. Се разговара за се и сешто. Дури се кажуваат и вицеви. Се шегуваат учесниците во емисијата. Докторот објаснува дека е Скопјанец, дека премногу го сака Скопје. Ја сака Македонија. А зошто тој доктор, тој човек што претставува македонска гордост, зошто не води барем малку сметка за јазикот?! За македонскиот јазик?! Го сакал Скопје! Па, нели Скопје е главен град на Македонија?! Нели Македонија има свој литературен јазик?!

Зборува докторот за своето детство. Објаснува дека додека бил мал, бил многу несташно дете. Зошто докторе?! Зошто несташно?! Зошто не немирно, палаво дете?!

Објаснува докторот нешто во врска со својата работа, какво треба да биде расположението додека работи. Вели дека, ако докторот биде намргоден, работата не може да биде успешна. Зошто докторе?! Зошто намргоден?! Зошто не намуртен?! Зошто не смуртен?! Зошто не надурсан и којзнае уште како?!

Рековме дека разговорот во емисијата беше неврзан. Се кажуваја и вицеви. Кажуваше и докторот еден виц. Некои наши луѓе биле во Африка. Се сретнале со некои домородци. Се уплашиле и ги прашале: “Дали има овде људождери”? “Нема, рекле домородците, вчера го изедовме последниот људождер”. Вицот нé не интересира. Можеби и погрешно го интерпретиравме. Но, зошто, зошто људождер? Што ли мана му најдовте на нашиот збор – човекојадец?!

Друг пример. Сретнавме во еден текст, преведен од српски јазик, каде пишува дека дрвјата биле украсени со сребренасто иње. Сребренасто иње! Два збора, две грешки. Придавката, на македонски треба да гласи сребренесто, а не сребренасто. Уште подобро е сребреникаво. Како што е црвеникаво, жолтеникаво, зеленикаво, а не зеленкасто, црвенкасто и слично. А што станува со именката иње? Како смеела преведувачката да ја употреби? Како смеела лекторката да не го поправи тоа?! Во македонскиот јазик не е иње, туку сињак или укит. Двата збора ги има во Речникот. Лично, нашето чувство за јазикот како да ни сугерира дека меѓу овие два збора (сињак и иње) постои одредена разлика. Кога е влажен воздухот, а времето студено, замрзнуваат водните капки, се претвораат во кристали и се таложат на дрвјата па и на сите растенија. Прекрасно изгледа тој сребреникав украс. Тоа е сињак. А кога врне влажен снег, се таложи на гранките и ги повива надолу. Особено тоа е убаво за гледање на зимзелените дрва. Тоа не е сребреникаво, туку чисто бело. Прекрасно е навистина за гледање. Дрвјата се накитени. Тоа е укит. Можеби ова е резултат само на нашата интимна перцепција. Можеби не се побудува ваква разлика (меѓу укит и сињак) кај секого. Кога би требало да ги употребиме овие два збора, ние лично, ја чувствуваме таа разлика. Но, не сме во ситуација тоа да го тврдиме. Во тритомниот Речник се одбележани двата збора со исто значење. И двата, на српски се преведени како иње.

Благоја Ивчески

Loading