НА ЗДРАВЈЕ КАФЕ ОД ПРОШЛИОТ ПУТ

Неверојатно, но ете, се случи и тоа. Двапати се измамивме на ист начин.

Пред пет – шест години, работејќи нешто друго, со недоволна концентрација слушавме вести на радио. Меѓу другото, беше соопштуван репертоарот за тогашниот Театарски фестивал “Војдан Чернодрински”. Слушнавме дека ќе бидела прикажана и претставата – “ДОЛЕ ВЛАДА”. Бидејќи во последно време се практикува гостување и на театри од другите југословенски републики, си помисливме дека тоа е некоја претстава од Белград или од некој друг град на Србија. Утредента, прочитавме во весник дека тоа ти била наша претстава, во продукција на Драмски театар од Скопје. Тоа што насловот повеќе прилега на српски, така требало. Текстот бил напишан на скопски говор.

Сега, пред некој ден, си одиме дома, ја отвораме вратата, телевизорот пуштен доста силно и слушаме скандирање: “ДОЛЕ ВЛАДА, ДОЛЕ ВЛАДА”.

Актуелна беше и ситуацијата во Хрватска. Имаше зачестени протести против владата. Гледавме многу снимки и извештаи од повеќе телевизии за ситуацијата во некои хрватски градови. Протестираа луѓето. Бараат владата да поднесе оставка. Помисливме дека се тоа некои инсерти од хрватската телевизија. Е, ама не било така. Тоа било кај нас. Тоа биле жените на СДСМ во Скопје. Собрани во паркот и протестираат против владата. Скандираат – “ДОЛЕ ВЛАДА, ДОЛЕ ВЛАДА”!

Значи, скопскиот говор не се користи само за на сцената, туку еве и за протести. Тој говор, застрашувачки навлегува во сите медиуми во Македонија, па оттука и кај сите луѓе.

Зар не е јасно дека прилогот ДОЛЕ на македонски гласи ДОЛУ. Испуштањето на членот веќе станува редовна појава. Пак под силно влијание на скопскиот говор, преку скопските телевизии. Во дадениов случај именката ВЛАДА неопходно е да биде членувана. Целиот израз треба да гласи – ДОЛУ ВЛАДАТА, а не ДОЛЕ ВЛАДА.

Необично чести се ваквите грешки. Слушаме дека ќе се одржела седница на ВЛАДА, наместо на ВЛАДАТА. Слушаме дека некој бил министер во ВЛАДА, наместо во ВЛАДАТА.

Со испуштањето на членот се деградира македонскиот јазик. А што прават, каде се лекторите?! Во една реклама, на крајот, слушаме израз – на ЗДРАВЈЕ КАФЕ. Зошто не, на ЗДРАВЈЕ КАФЕТО! Редовно слушаме дека тој и тој ќе одржел конференција за ПЕЧАТ. Именката ПЕЧАТ треба да биде членувана – конференција за ПЕЧАТОТ.

Ги споменавме протестите против владата во Хрватска. Слушнавме израз – ЗАГРЕБАЧКИТЕ протести. ЗАГРЕБАЧКИ!! Во Хрватска тоа си е во ред, но во македонскиот јазик таа придавка треба да гласи – ЗАГРЕПСКИ а не ЗАГРЕБАЧКИ.

Да набележиме уште неколку редовни грешки. Еден пратеник пред распуштањето на парламентот објаснува нешто за гласањето. Вели дека во Македонија, луѓето СТАЛНО гласаат против. Зборот (прилогот) СТАЛНО не е наш. Српски е. Кај нас тоа е ПОСТОЈАНО, СЕКОГАШ. Друг пратеник го слушанавме да вели дека таа и таа работа немала никаков СМИСОЛ. Именката кај нас гласи СМИСЛА, а не СМИСОЛ.

Редовна појава стана да го исфрламе сврзникот ТУКУ, а да го користиме српскиот сврзник НЕГО. Еве една реченица: “Не требало да оди на пазар детето НЕГО таткото”. Еве уште една: “Тоа не е ваш став НЕГО е став на владата”. Вакви примери има многу. Наместо нашиот сврзник ТУКУ, го употребуваме српскиот НЕГО. Приведениве реченици треба да гласат: “Не требало да оди на пазар детето ТУКУ таткото”. “Тоа не е ваш став ТУКУ е став на владата”. Премногу, премногу е зачестена употребата на српскиот предлог НЕГО. “Подобро јас НЕГО ти”. Во овој случај треба “Подобро јас ОТКОЛКУ ти”.

Кога почна поскапувањето на лебот, еден бизнисмен, специјалист од таа област, објаснува дека ние сме биле во МАЊАК на пченица. Наместо ние имаме НЕДОСТАТОК од пченица, ние имаме КУСОК, нам ни НЕДОСТАСУВА пченица. Но ете бизнисменот го одбра – МАЊАК.

Да завршиме со еден експерт од Правото. Познат адвокат објаснува нешто за некој процес. Вели дека денес работата била поинаква за разлика од ПРОШЛИОТ ПУТ! Браво!!

Благоја Ивчески

Loading