ТУТУНОТ ДА БИДЕ 190 ДЕНАРИ ПРОСЕК

Тутунарите во паника

Тутунот да се дава во просек по сто денари е непристоен предлог

Државата да ги вразуми откупувачите

За 25 отсто да пораснат цените или тутунот во просек да се откупува по 190 денари од годинава, е барањето на тутунарите. Откупувачите даваат просек од сто денари со цените од првата класа 212 денари, од втората од 160 и од третата од околу 112 денари за килограм. Со намалувањето на бројот на класите, цените се пак ептен, навредливо ниски. Есапот покажува дека просечно тутунот ќе се дава за сто денари. Тоа е жив зијан, а не ќар за пристоен живот од тутунопроизводство. Порачуваме да се посвети внимание на цените во договорите, а од државата бараме да интервенира со повисоки цени кај државниот Тутунски комбинат. Со посилна конкуренција ќе може да се исправат непристојните предлози на откупувачите – вели Данчо Милевски од здужението на тутунарите. Додека се подготвува расадот на прагот на сезоната, тутунарите се во дилема – дали да произведуваат или да прават загуба. Немаме од што да живееме. Тутунот е единствен извор за егзистенција. Бараат тутунот да го земат за сто денари. Државата мора да застане на наша страна, да нé заштити и да ги вразуми откупувачите. Зашто ќе се задолжиме и ќе бидеме уште поголем товар на социјалните фондови – прогнозира тутунарот Стојан Смилески. Тутунарите информираат дека откупувачите склучуваат договори со двојно помали количества од лани. Откупувачите не склучуваат договори со ланските количества, туку драстично помали. Нé удираат и со цените, и со количествата. Затоа веднаш заеднички да ги разгледаме односите, кои треба да се партнерски а не монополски. Очекуваме 25 отсто повисоки цени од понудените – вели Илија Тотоски од здружението на тутунарите. Министерот за земјоделство Љупчо Димовски најави дека субвенциите од по 60 денари за килограм тутун ќе се исплаќаат до крајот на мај.

Само 14 илјади тутунари годинава?

Завршува денеска рокот за регистрација на тутунарите во подрачната единица на Министерството за земјоделство. Периодот беше продолжен, поради компликациите со документите. Досега се регистрирани над 14 илјади семејства, кои пријавиле производство на тутун со бели картони. Стручњаците прогнозираат пад на производството за најмалку 30 отсто, поради ниските цени лани, проценката и откупот. Се очекува, од тутун да го вадат лебот над 15 илјади семејства, кои ќе произведат околу 12 илјади тони тутун во прилепско долненско, кривогаштанско и демирхисарско и дел од битолско.

Loading