ТАПИЈА ЗА ДИВИТЕ ХАЛИ

Мерки за развој на бизнис секторот

Градежното земјиште во локални раце од први јули

Намалени давачките за комуналии за бизнис за 95 отсто

Без пари пренамена на земјоделското во градежно земјиште

Бизнисмените ги поддржуваат законските измени за олеснување на изградба на стопански објекти. Тоа се потврди и на Седницата на управниот одбор на Регионалната стопанска комора, каде членовите изразија задоволство од законските измени, кои се во функција на поттикнување на инвестициите и легализација на диво изградените стопански објекти. Особено го поздравија потегот за намалување на комуналните давачки на пет проценти и приватизацијата на земјиштето на бизнис секторот, кое најверојатано ќе биде до ниво од седум евра за метар квадратен. Новината за транформација на земјоделското земјиште во градежно без надомест, особено ги заинтересира стопанствениците, исто како и најавата за продажба со наддавање на над 20 парцели за бизнис во соседството на Металец.

Четири потези до питом објект

Бизнисмените очекуваат поволни ефекти од преминувањето на надлежностите од државно на локално ниво од први јули на градежното неизградено земјиште, со што се отвора простор за подем на приватната иницијатива. Со промената на легислативата, градежното земјиште во сопственост на државата станува локална ингеренција и за долготрајниот и краткотрајниот закуп. Предвидено е до јуни да се изработи електронско решение за општините, со кое полесно ќе може да се менаџира со земјиштето. Основниот принцип на новиот Закон е управување со градежното земјиште да биде на транспарентен начин преку електронско јавно наддавање. Со законот за легализација на дивоградбите предвидено е да бидат третирани и градбите на стопанските субјекти. Се олеснува процедурата за добивање одобрение за градење. Стопанските субјекти имаат само четири чекори до потребната документација – елаборат, идентификација, акт за приклучок на струја и плаќања на комунални давачки и елаборат за животна средина. Со тоа, речиси тројно се намалува времето за озаконување и од досегашните 146 дена, се сведува на 45 и 60 дена. Со новиот правилник, стопанските инвеститори имаат намален надомест за уредување на градежно земјиште или комуналиите. Целта е средствата да одат во инвестиции, а не во државни давачки. Се укинува надоместот за пренамена на земјоделското во градежно земјиште.

Бенефиции за земјоделски бизнис

Со законот за земјоделско земјиште се спречува ситнењето на земјоделските парцели. Се забранува физичка делба меѓу сосопственици или заедничките сопственици на земјоделското земјиште во приватна или државна сопственост, ако парцелата не е поголема од два хектари. Се воведува нова постапка за распределба на земјоделското земјиште во државна сопственост преку прибирање понуди за да им се овозможи на индивидуалните земјоделци и правните лица самостојно да изнаоѓаат најрентабилно земјиште. Се менува начинот на утврдување на почетна цена. Се намалува почетната цена за концесионирање со земјоделското земјиште, со што се влијае на порастот на интересот за обработка на државно земјиште, особено на пониските класи, во планинските подрачја. Новите мерки за поттикнување на бизнисот во земјоделството имаат свои аспекти со можноста за легализација на досега нелегалните објекти на земјоделско земјиште. Со тоа се отвора можност за аплицирање до ИПАРД средствата. Законските промени имаа стимулативен карактер и со отворената можност за легализација на оранжериите и помошните објекти, изградени на земјоделско земјиште пред влегување во сила на законот. Сите објекти кои немаат одобрение за градење или друг акт, ќе може да добијат документ за потврдување на објектот, доколку ги исполнуваат условите. Корисниците само ќе треба да достават проект за изведена состојба и мислење за геомеханичките и статичките карактеристики на објектот од овластено правно лице. Одобрението се доставува до агенцијата за катастар, министерството и државниот инспекторат за земјоделство и претставува основа за упис на правото на сопственост на објектот во јавната книга за запишување на правата на недвижностите како право на сопственост на објект, изграден на земјоделско земјиште.

Loading