ДЕРМЕНЏИЕВ ЌЕ ГО ДОТЕРУВА МОНОПОЛОТ ЗА ПРОДАЖБА

Утре собрание на акционерите на Тутунскиот комбинат

Државата се обидува да го спаси со оттуѓување без поголеми потреси

Државата, како мнозински акционер во Тутунскиот комбинат се очекува утре формално да го официјализира поставувањето на Александар Дерменџиев за директор на Тутунскиот комбинат на акцинерско собрание и да го разреши досегашниот Жарко Христоски. И малцинските акционери, препознаени во пензионерите на Монополот, сегашните работници или наследниците на пензионерите, ќе можат да го дадат гласот за или против, макар што тие се во невлијателно малцинство, оти државата “владее” со над 80 отсто од акациите. Покрај Дерменџиев, ќе се гласа за дополнување на бордот на директори со уште еден неизвршен директор. Дознаваме дека предложен е адвокатот од Скопје, Лазар Трајчев. Веќе не е атрактивна, туку е “горчлива” директорската фотелја во некогаш најмоќната фирма во тутунската индустрија во земјава. Комбинатот тоне во загуби. Поранешниот “џин” стои на стаклени нозе, агонично. Државата се обидува да го спаси со оттуѓување без поголеми потреси, да го исклучи од списокот на четирите македонски загубари, покрај охридски ЕМО, скопски ОХИС и прилепската воена фабрика Еурокомпозит. Дерменџиев ќе го “токми” монополот да стане пристојна понуда за купувач. Ќе подготвува терен, ќе го стабилизира, ќе го санира да го претвори во привлечна фирма. Паралелно ќе ја окончува откупната кампања на тутунот од ланскиот род. Александар Дерменџиев располага со менаџерско искуство од неколку фирми. По професија е дипломиран информатичар, кој магистирал во Лондон. Тој најави подготовка на бизнис план, откако ќе се скенира состојбата. За Комбинатот знам од официјални јавни документи и од медиумите. Скромни се сознанијата. Предизвик е да се биде прв човек на Тутунски, со оглед на неповолните финансиски состојби. Го ставам во служба сето долгогодишно менаџерско искуство на подобрување на состојбата. Фирмата, првенствено, ќе се води од бизнис интерес и по економски правила. Политиката не би требало да има влијание. Ќе се создаде тим со прилепчани, како јадрото на бордот на директори. Тие ја знаат технологијата и производството. Комбинатот ќе се менаџира по бизнис пристап, што досега недостасувал. Најдобро решение е Комбинатот да се доприватизира. Тоа не се прави преку ноќ. Потребно е малку трпение и исполнување на некои предуслови – вели Дерменџиев. Во Тутунскиот комбинат работат 1200 работници.

СУГАРЕСКИ: ТУТУНСКИ НЕ ПЛАТИЛ 22 МИЛИОНИ ЕВРА

СДСМ од Прилеп обвини дека владините менаџери на Тутунскиот комбинат создале 50 милиони евра загуби последните четири години. Пратеникот Горан Сугарески изјави дека државата и Груевски за едни компании е мајка, а за други маќеа. Тој се чуди како е можно, наспроти катастрофалните показатели, да не се побара одговорност за пустошот, туку разрешениот и претстојниот директор заедно да патуваат на скапа туристичка тура во Дубаи. Тутунскиот комбинат не платил 22 милиони евра законските давачки од девет денари од секоја кутија цигари, од кои пет треба да одат за здравство, три за земјоделство и еден денар за екологија. Власта му ги простува, привилегирајќи ја компанијата со над 72 отсто државен капитал, додека владините менаџерски пулени го крчмат имотот поради незнаење, нестручност и самобендисаност – рече Сугарески. Според него, апсурди се случуваат во време кога дел од работниците се испуштаат на принуден одмор со 80 отсто од намалените плати, а менаџерските плати се движат од илјада до 1500 евра.

Loading