РЕНОВИРАНИ ВАГОНИ ЗА БИЗНИС

Бизнис посета на Битола со воз за ревитализација на железницата

Реконструкцијата на пругата Битола – Кременица во должина од 16 км,. ќе заврши во 2012 година

 

Рапавиот звук на ѕвончето го најави доаѓањето, а свирежот на сирената, беше потврда дека патничкиот воз од Скопје, пристига на перонот на железничката станица во Прилеп. Облаците пареа, се разлејаа од двете страни на локомотивата под блесокот на февруарското утринско сонце. Со задоцнување пристигна возот, онака како што тоа се случува секој ден и е вообичаеност за македонските железници. И овојпат имаше отстапување од 10 минути од возниот ред, иако се возеше првиот човек на јавното претпријатие МЖ АД Транспорт, Оливер Деркоски, придружуван со бизнисмени. На чело на бизнис делегацијата, кон која се приклучија стопанственици и од прилепскиот регион, беше Бранко Азески, претседетелот на Стопанската комора на Македонија, поддржан од својот колега од Прилеп, претседателот на Регионалната комора од Прилеп, Симон Наумоски. Крајната дестинација е Битола на средба со членовите на Регионалната стопанска комора од Битола со цел промоција на железничкиот сообраќај. На средбата се најави поддршка за подобрување на инфраструктурата во земјата како услов за побрз економски развој.

Намирисан вагон

Возот предизвика радост. Несекојдневна случка, возбуда за поголемиот број бизнисмени кои речиси не паметат кога последен пат биле патници во воз. Во посебен, адаптиран и реновиран вагон беше бизнисменската елита заедно со бројни новинарски екипи. Метеж низ тесниот ходник, во кој едноставно тешко е да се разминат двајца.

Возовите некогаш и сега?

– Како студент некаде 1989 г. последно се возев со воз. Интересно е, ми се допаѓа вагонот. Возовите секогаш биле убави за дружење, пособено ходниците – рече Горан Попоски, заменик претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп.

И прилепскиот градоначалник речиси една деценија не се качил во воз.

– Условите се нешто подобрени. Во иднина возот треба да стане едно од најексплоатираните превозни средства во Македонија – рече градоначалникот Марјан Ристески.

Железничкиот сообраќај е клучен фактор за превоз на готовите производи и репроматеријалите за потребите на стопанството.

– За да биде повеќе користен, во иднина потребни се два предуслови: експедитивност при превозот и пониска цена во однос на превозот со шлепер. Неопходно е раководството на МЖ Транспорт да посвети поголемо внимание во иднина – рече Симон Наумоски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп.

Бизнис линија за два часа

Покрај редовната патничка линија Битола – Скопје од неодамна воведен е и “брз воз”.

– Бизнис линијата “Пелагонија експрес” треба помасовно да се користи, бидејќи се патува само два часа по пристапна цена. Препорачувам помасовно користење – рече Ристо Најдоски, извршен директор на Регионалната стопанска комора.

А со возот вообичаено најмногу се возат студентите.

– Преку инвестициите насочени во развој на инфраструктурата, се создаваат можности за побрз развој на економијата и општеството во целина. Деловниот воз значи намалување на трошоците за превоз на патниците, а особено за студентите кои можат на поефтин и поквалитетен начин да патуваат од едно на друго место – рече Сашо Атанасоски, проректор на Универзитет Св. Климент Охридски – Битола.

И за Љупчо Зиков, кој 15 години не се качил во воз, е пријатно доживување.

– Пред 15 години мораше да се возиш, оти беше ефтино. Се зголемија комуникациите, има такси, автомобили, затоа се потребни нови линии низ Македонија, со што ќе се зголеми транспортот на патници, ќе се смени психологијата на луѓето да се користи возот – рече Зиков.

Инфраструктурата е важно прашање за развојот на државата.

– Ќе овозможиме, во најзначајните региони, пелагонискиот, каде има огромен број енергетски и извозни капацитети, државата да вложи во подобрување на инфраструктурата. Тоа десеткратно ќе се врати, ќе биде во функција на развојот на државата и ќе биде наш придонес за подобрување на економската слика во државата во согласност со барањата на ЕУ да се подобри регионалниот развој, да се подобри инфраструктурата, извозот. Тоа значи модернизацијата на пругата Скопје – Битола, отворање на пругата Битола – Кременица кон Грција со цел поефтин проток на стоки на Солунското пристаниште. Сакаме да се покрене иницијатива во Владата, дел од средствата за патната инфраструктура да се пренаменат и за железницата – рече Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Електрификација на пругата

МЖ Транспорт ќе модернизира вагони. Ќе се набават и нови дизел и електромоторни гарнитури, нови локомотиви, за функционален железнички сообраќај, во служба и на патниците и на бизнисот. Затоа е важна поддршка на бизнис секторот.

– Иницијативата е прифатлива. Ќе се лобираме за средства од патната инфраструктура да се вложат и во железничката, да се електрифицираат поголем дел од пругите. Тоа е и заштита на животната средина. Од друга страна, се штеди за компанијата и за оние кои ги користат услугите. Многукратни се ефектите и мора да овозможиме развој на железницата – рече Оливер Деркоски, директор на МЖ АД Транспорт.

А со возот и првите луѓе на винарска визба Тиквеш кои користат добар дел од услугите на железницата во набавките на материјалите за амбалажирање на вино. Го чувствуваат недостигот, оти најблиската железничка станица е во соседниот град. Излезот го гледаат преку јавно приватно партнерство за изградба на крак до Кавадарци со цел да се избегне претоварот на стоките и репроматеријалите.

Заживување на Битола – Кременица

Најголем корисник на услугите на МЖ е Фершпед Македонија затоа што државава нема природен излез на море и се користи солунското пристаниште. Повторното пуштање на делницата Битола до грчката граница ќе е многукратен пад на трошоците од солунското пристаниште за пелагонискиот дел. Иницијативата на комората е за поздравување. Според менаџерите на МЖ Инфраструктура, покрај редовното одржување и безбедност на пругите, се прават напори преку кредитите од Светска банка, од Банката за обнова и развој и ИПА фондовите да се добијат средства. Се работи физибилити студијата и основните проекти за реновирање и реконструкција на пругата Битола – Кременица во должина од 16 км,. кои ќе завршат во 2012 г. за со втората транша да се обезбедат 9 милиони евра за реконструкција. Патешествието со воз на враќање прерасна во журка со жива свирка и дегустација на производи од сите фирми од регионот. Возовите доаѓаат и заминуваат, симболи се на разделби, а бизнис делегацијата е уверена дека доаѓаат подобри денови за железничкиот сообраќај.

Loading