ШТРАЈК ИЛИ ПЛАТИ

Во воената фабрика Еурокомпозит 

Вработените стравуваат дека нема да ги земат платите од по сто евра

Државата да потпиши договори и да го плати сработеното

 

Стравот дека нема пари и за ситните плати за јануари, ги крена на нозе околу 400 работници од воената фабрика во државна сопственост, поредена меѓу државните загубари, Еурокомпозит. По предупредувачкиот прекин на работат од неколку часа, синдикатот се закани дека ќе ги запре машините, иако дел од работниците се на принуден одмор, а оние кои работат земаат по сто евра плата. Ги мачи неизвесноста од информациите дека не ќе ги земат јануарските, а им се заканува опасност да останат и без февруарските плати. Работниците реагираа и на сознанија дека државата не плаќа, а набавува воена опрема од други фирми која можело да се произведува во Прилеп. Претседателот на фабричкиот синдикат Бранко Чатлески ја повика државата како работодавач да ги плати завршените, а неплатени и неподигнати производи за министерството за одбрана. Трпението е при крај поради мачната и критична состојба. Нема пари за бруто плата, но и за репроматријалите. И така малите неземени плати, се намалени за десет отсто и не се повисоки од сто евра. Бараме да се обезбедат плата и пари за работењето. Тоа не го бараме бакшиш, туку за сработеното и за она што претстои. Министерството за одбрана да го реализира ланскиот договор од околу 800 илјади евра. Изработена е опрема, но дел не е преземена, ниту платена. Сме вложиле труд и пари, а производите лежат во магацините. МВР и МО да склучат договори за годинава. За да се ублажи напнатоста, да се обезбедат социјалани пакети за технолошки вишок, а платите да се вратат на старото ниво и да се исплати и разлика. Во спротивно, останува да го прекинеме какво – таквото производство и да организираме штрајкови – рече Чатлески. Тој соопшти дека имал средба со вицепремиерот Владимир Пешевски, но немал одговор, иако минале роковите. За нормално функционирање на Еурокомпозит, според синдикатот, биле потребни околу 40 милиони евра, од кои државата би требало да учествува со околу половината од работните ангажмани, а остатокот би бил од цивилното производство.

Loading