БИЗНИС ИНТЕРЕСИ, ПРЕД СЕ, ВО МОНОПОЛОТ

Александар Дерменџиев пред жешка фотелја во Тутунски

Во составот на менаџерскиот тим секако ќе бидат стручни прилепчани од Комбинатот, како што е и бордот на директори 

Тутунарите ќе бидат третирани како бизнис партнери на Тутунски, оти го заслужуваат тоа, а нивната пот вложена во тутунопроизводството ќе се проценува реално

 

Без политичко, но со подебело менаџеско портфолио, информатичарот и магистер од Лондон, Александар Дерменџиев следната недела се очекува да биде именуван за претседател на управниот одбор на горливата фотелја на прв менаџер во Тутунскиот комбинат. Собранието на акционери, каде доминира државата со над 80 отсто од акциите, треба да го формализира новиот прв менаџер следната сабота на 26 февруари. Ако некогаш директорската позиција во најмоќната фирма во тутунската индустрија во земјава беше привлечна, последниве години е повеќе “пекол”, бидеќи Комбинатот нижи загуби и е пореден меѓу четирите македонски загубари, покрај охридски ЕМО, скопски ОХИС и прилепската воена фабрика Еурокомпозит. Државата преку Дерменџиев, визиран од Владата, бара чаре за загубарот. Менаџерот има задача да го приготви Тутунскиот комбинат за продажба, да го постави на постабилни нозе за да стане атрактивен за потенцијалните купувачи. Во меѓувреме, до 15 март ќе треба да ја оконча откупната кампања на тутунот од ланскиот род. Зенит ја имаше привилегијата да разговара со анонимниот, а во фелата познат бизнисмен со педигре, Александар Деменџиев, пред неговото официјално преземење на конците во свои раце во Тутунскиот комбинат. Воздржаниот и умерен интелектуалец, со одбрани зборови кажува искрено дека нема увид во состојбите во Тутунскиот комбинат, оти не е официјализирана неговата нова позиција. Кажува дека претстои подготовка на бизнис план, откако ќе се скенира состојбата. Не ќе биде за долго, туку планот ќе се стави на увид набргу, по стапувањето на директорското место. За Комбинатот знам од официјални јавни документи и од медиумите. Скромни се моите сознанија. Но, предизвик е да се биде прв човек на Тутунскиот комбинат со оглед на неповолните финансиски состојби. Го ставам во служба сето мое долгогодишно менаџерско искуство на подобрување на состојбата. Тоа ми дава за право да се сметам дека компетентен, особено во делот што бил запоставен. А тоа е фирмата, првенствено, да се води од бизнис интерес. Сé уште не избран и не влезен, можам да кажам дека ќе вложам сé од себе, да се работи по економски правила. Зашто друго не знам и немам политичко искуство. Сметам дека политиката не би требало да има големо влијание – вели Дерменџиев. Прилепчани се сомнежливи и чувствителни луѓе кога е во прашање Тутунскиот комбинат или Монополот, како што милуваат да го нарекуваат. Ќе биде потребна умешност да се одоброволат. Успешен менаџер е тој кој знае да направи компетентен тим, зашто е невозможно, колку и да е способен, еден човек да менаџира фирма со 1200 вработени. Ќе се создаде тим со прилепчани и ќе се менаџира. Во составот секако ќе бидат стручни луѓе од Комбинатот, како што е и јадрото на бордот на директори. Тие ја знаат технологијата и производството. Мислам дека на Комбинатот му недостасува менаџерски и бизнис пристап. Сметам на постојниот кадровски потенцијал, откако ќе се согледа состојбата. Тоа ќе биде најдоброто решение, бидејќи верувам дека има способни луѓе внатре во комбинатот – оценува Дерменџиев. Околу потрагата по стратегиски партнер за продажба на Тутунски, Дерменџиев објаснува дека не е тајна, оти државата, по дефиниција, не е добар сопственик. Најдобро решение е Комбинатот да се доприватизира. Тоа не се прави преку ноќ. Потребно е малку трпение и исполнување на некои предуслови. Треба време да се испитаат состојбите и да се видат првите резултати. Да се забележат првите ефекти дека се отсопрени работите во Тутунски, потребни се минимум шест месеци. Тутунарите ќе бидат третирани како бизнис партнери на Тутунски, оти го заслужуваат тоа, а нивната пот вложена во тутунопроизводството, ќе се проценува реално. Но, сето тоа после изготвувањето на бизнис планот, кој, ќе биде завршница на комплетното скенирање на состојбите – најавува Дерменџиев.

Александар Дерменџиев е на возраст од 42 години. Последните работно искуство го имал со десетгодишното работење во фирмата Тим поинт во Скопје, која е водечка компанија за дистрибуција на стоки за широка потрошувачка со околу сто вработени. Одговорен бил за профитабилноста и за целокупното работење на компанијата. Креирал развојна стратегија и ја спроведувал со соодветен кадар и финансиска анализа. Работел и на други позиции во Тим поинт. Дел од работниот век го минал како програмер во фирмата Дел – Вел од Скопје, пред тоа во Моса информатика, Алмако банка. Магистер е по бизнис администрација од универзитетот Шефилд во Англија. Инаку, е дипломиран инженер по информатика од природно – математичкииот факултет во Скопје. Знае да говори повеќе јазици. Сопруг е и татко на едно малолетно дете.

Груевски: Највисока субвенција за тутун

“Откупот на тутунот е во длабока фаза. Владата ќе направи сé да им помогне на тутунарите”. Ова меѓу другото го рече премиерот Никола Груевски при посетата на градот. Над 17 илјади тони тутун се откупени со просечна цена од 145 денари. Тоа е највисока цена во регионот. Да не зборуваме за субвенцијата, која е највисока. Ќе продолжиме да им помагаме на тутунарите. Владата интервенираше со казни кон откупувачите. За жал некои политички партии го користеа тоа, иако додека беа на власт воопшто не се грижеа за тутунопроизводството. СДСМ не даваше никави субвенции. Тие што сега подбуцнуваа, ги понижуваа додека беа на власт. Ќе продолжиме да им помагаме на семејствата кои живеат од тутун. Што се однесува до Тутунскиот комбинат, Владата прави максимум да овозможи регуларно работење, да му помогне на раководството да го заврши откупот и да најде стратегиски партнер – рече Груевски.

Loading