ТУТУНОТ НИЗ ПРОТЕСТИ И КАНТАРИ

Тутунарите поделени. Едни протестираат, барајќи повисока откупна цена за тутунот, други го продаваат родот. Незадоволните не го даваат тутунот за ниска цена, а оние кои го “дале” велат добро им поминал. Државниот земјоделски инспекторат информира дека се откупени над пет илјади тони тутун со просечна цена од 168 денари. Нереална била проценката во селата. Таму откупувачите давале помалку за две класи. Во Тутунскиот комбинат дневниот откуп достигнал сто тони. Досега имаме откупено 450 тони тутун со просечна цена од 170 денари. Имаме пари и плаќаме по седум дена. Ќе откупиме над 2500 тони тутун од 2800 кооперанти – вели Александар Спиркоски од Тутунски. Министерот за земјоделство Љупчо Димовски изјави дека Сојузот на тутунски здруженија е легитимна институција за преговори. Се интензивираат откупот и контролите. Ќе има средби со откупувачите и претставници на тутунарите, оти откупувачи се свесни дека оваа состојба е и на нивна штета. Претендираме на прифатливи цени. Договорени се измени во Законот за тутун и промена на Правилникот за класи. Ќе се расчистат сите нејаснотии. Пред новата сезона да се исклучи секоја манупулација, бидејќи предначат интересите на тутунарите. Планираме зголемување на ингеренциите на Државниот инспекторат за дисциплинирање на откупувачите и откупот да се врши според реална проценка. Сакаме фер проценка. Правилникот да се редуцира. Наместо 11, да бидат 4 плус 2 или помалку. Ќе посветиме внимание на начинот за формирањето на цената – рече министерот Димовски.

Откупувачите лани залетале

Познавачи на бизнисот со тутун велат дека откупувачите лани залетале и направиле загуби од проекциите или намалени добивки, поради високите цени на тутунот. Откупувачите ги засилил најмоќниот играч на пазарот со тутун во земјава – Сокомак. Во последен миг добиле побарување од неколку илјади тони дополнителни количества за откуп за Филип Морис. Тоа го дисбалансирало пазарот. Сокомак тргнал по зголемен откуп и ја кренаа цената. Да не останат покуси во проекциите, останатите откупувачи го следеле, купувајќи и песок и мувлосан тутун за 200 денари. Така цената лани стигна до просек од 200 денари од килограм, а тутунот не се проценуваше по квалитети туку само се мереше. Епилог на тоа беше прокнижена намалена профитна стапка, која е нужно да се исправи годинава. Сега е доаѓаат последиците од ланското тутунско елдорадо. Од една страна има зголемена понуда на тутун, а откупувачите се внимателни. За исти пари претендираат да земат поголеми количества, по цени според државниот правилник, визиран и од тутунските здруженија. Според квалитетот и мострите, родот реално тешко стигнува до просек од 170 денари. Државата и годинава го субвенционира тутунопроизводството со по 60 денари килограм.

Loading