Од косо видено
Со нечии плитки умови длабоко загазивме во долгогодишна криза. Мнозинството ја сфаќа како економска и морална криза. Вели-брат брата рани, но може и очи да му ископа. Оттука, всушност, нашето општество е во комуникациска криза. Воочуваме-рамнотежата е постигната, секој влече на своја страна. И инсистира другите да бидат истомисленици со него. Секој таков “труп” на мостот од соживотот треба да се отстрани. Комуникацијата и спасот од кризата со тоа би биле возможни.
Комуникацијата, симболично, претставува крвоток на индивидуално-општествениот организам. Таа обезбедува чувство на заедништво. Во негова слава луѓето многупати си помагале во време на поплава или земјотрес. Со таквиот пристап и економската криза лесно би се разрешила. Но, спротивно на таа историски потврдена човечка логика, ние во криза се изолираме. Секому му е поблиско малото, но негово да е. Секој е сам на пустиот остров од своите интереси. Меѓу нив прописно растојание. Или, куртоазно – ежовска комуникација. Од каде, пак, сега тоа?
Во едно многу ладно утро, неколку ежови ги разбудил студот. За да се стоплат – се приближиле. Но, неволја – се избоцкале. Се оддалечиле и секој сам се тресел од студот. Застудело повеќе и пак се приближиле. Но, болниот ефект бил ист. Постапката ја повторувале додека еден еж не се “опаметил”. Предложил – да се приближат, колку малку да се стоплат, а да не се боцкаат. Така се воспоставила комуникациската оддалеченост наречена “куртоазија”.
Не за ежовите, туку за човекот, важен елемент на комуникацијата е говорот. Преку него се одразува човековата благородност со мислење, зборување и слушање. Неа ја нема кога некој зборува, бидејќи не може да мисли. За да гризне некого доволен му е јазикот. Би му бил пополезен кога помалку би јадел трици. Пред да го употреби јазикот, треба добро да ја проматка главата. Или да присуствува на комуникациски семинар кај Ескимите.
Тие, за разлика од ежовите, престојуваат збиени во малите иглоа во текот на долгите, со месеци, зимски ноќи. Таквиот живот комуникацијата им ја прави многу важна и суптилна. Па, развиле јазик богат за опишување на недопирливи нијанси од збиеното заедничко живеење. Чувствата што гравитираат од љубов до рамнодушност ги изразуваат со зборови составени од најмалку 20 букви. На пример, со еден збор го опишуваат сентиментот: “Многу те сакам, но не би посакал со тебе да одам во лов на китови”.
Во околности на студенило, во поширока смисла на зборот, ежовите и Ескимите ни нудат различен тип на комуникација. Секако, поблагороден е ескимскиот. Автентичното изразување на чувствата со својата живост лесно го урива бедемот на куртоазната комуникација. Тогаш, ако некој ни рече “ми студи” на сите ќе ни биде јасно дека има потреба од чувство на важност, одобрување, охрабрување и љубов.
За почеток, бидејќи насмевката е најкраткото растојание помеѓу луѓето, срдечно да се насмевнуваме едни на други. Во овие студени денови таа е најтоплата наметка за душата.
Марјан Спиркоски