ТЕМЕЛ И КРШ ЗА КАРПАЛАЧКИТЕ ХЕРОИ

Под итно да се откријат луѓето кои посегнаа по обележјето од понов датум, поставено на местото каде пред девет и пол години загинаа десет војници од Прилеп кај месноста Карпалак. Ова го бараат преживеаните учесници од нападот. Плочата со имињата на загинатите десет војници беше искршена по којзнае којпат, додека министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески беше со лопатата в раце на поставувањето на камен темелник на грандиозното обележје што Прилеп ќе им го подари за век и веков на паднатите бранители кај новиот кружен тек во центарот на градот. Апелираме до органите на прогонот да ги откријат сторителите на вандалскиот чин. Важно е да се знае кој не е за соживот. Лошо е да претпоставуваме, кои се можните вандали кои истуриле гнев на плочата, каде палиме свеќи и носиме цвеќе – вели Ацо Јованоски – Реган, преживеан возач на автобус од конвојот со 118 бранители од кои живи биле 102. Аманет им било, во душите на сите, да запалат свеќи на местото. По десетте војници, од трауми починаа уште шест. Дел се лечат. Еден ден ќе згасни Здружението, иако тоа треба да ја преземе улогата на Сојуз на борците. Треба да им се помогне на преживеаните – рече Јованоски. Споменичниот комплекс “Карпалак” е посветен на десетте загинати бранители во конфликтот во 2001 година. Ќе никне во центарот на градот и ќе претставува репрезентативен меморијален објект со десет столбови, високи 15 метри, кои ги симболизираат десетте загинати. На врвот ќе има топка со дијаметар од 3,5 метри, изведена од челични прстени. Отворите ќе се обложат со бел плексиглас, кој делумно ќе ја пропушта светлината од рефлекторите. Платото околу, односно средишниот остров ќе се озелени. Планирана е и кружна фонтана со десет млазници со воден столб висок до шест метри. Ѕидовите и дното на фонтаната ќе бидат украсени со мозаик од керамички плочки.