СЛОБОДНА БЕЗЦАРИНСКА ЗОНА КАЈ АЛИНЦИ

Предновогодишно заседание на бизнис секторот

Стопанствениците бараат одлагање на примената на казнените одредби од Законот за ревизија

Од УЈП побарано е пребивање на даночните и побарувањата на царинските и даночните обврски 

Членовите на Управниот одбор на Регионалната стопанска комора беа информирани за разговорите во Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони. Претседателот Симон Наумоски ги запозна членовите со иницијативата до Владата да се проектираат средства од буџетот за 2011 година за градба на инфраструктурата во зоната кај селото Алинци. Станува збор за слободна економска (безцаринска) зона за производство за извоз. Зоната располага со 67,7 хектари со можност за проширување за уште 35,7 хектари. Проектот е одобрен од Министерството за транспорт и врски и Владата. Предвидени се 13 блокови, со минимум 20 993 квадрати до максимум 64 783 квадрати. Или 38 градежни парцели. Градежните парцели се флексибилни на инвеститорите – рече Наумоски. Инфраструктурата опфаќа седум улици, од кои една булеварска улица. Зоната ќе располага и со водоводна мрежа, систем на фекална и атмосферска канализација, енергетска инфраструктура и 179 столбови со светилки за јавното осветлување, телефонска мрежа и гасна мерна регулаторна станица. Управниот одбор заклучи да се упати циркуларно писмо до сите потенцијални инвеститори од нашиов регион за искажување на интерес за градежни парцели. На локалната самоуправа и се упатува иницијатива за подготовка на локации за индустриски зони за бизнис секторот.

Заштита на домашното производство

Наумоски информира за работните средби со премиерот Никола Груевски и директорот на УЈП Горан Трајковски. Од средбата со Груевски се очекува позитивна разрешница за барањата за драстично намалување на царинските стапки за увоз на суровини за производство, кои не се произведуваат во Македонија или се произведуваат во недоволни количества за задоволување на потребите, како што се шеќерот, доматно пире и др. Побаравме и намалување на цената за приватизација на градежното земјиште за стопанските објекти, за што Владата го задолжила Министерството за финансии да се произнесе и да ја разгледа можноста за намалување на цената. Се реафирмира идејата за градба на автопатот Велес – Прилеп преку Дервен и се образложи оправданоста. Стопанските субјкти од областа на земјоделството и прехранбената индустрија, со акцент на конзервната, имаат нужна потреба од субвенционирање, бидејќи се извозно активни компании. Од Владата се побара поттикнување на домашното производство на стоки за широка потрошувачка, кои се увезуваат, а не бараат големи вложувања, ангажираат доста работна рака и го намалуваат девизниот одлив. Побарана е итна промена на програмите за студирање и зајакнување на критериумите за поквалитетен факултетски образован кадар. Поголема контрола на увозот со дампинг цени, несоодветен квалитет и декларации кои предизвикуваат нелојална конкуренција. Домашното производство да се заштити на исто ниво како производителите на истите производи од страна на инспекциските служби во земјите од бившите југословенски простори, Турција и ЕУ – соопшти Наумоски.

Можност за даночна амнестија

Значајни иницијативи од бизнис заедницата се упатени до директорот на УЈП Горан Трајковски. Побарано е регулирање на прашањето за пребивање меѓу даночните обврски и побарувања на царинските и даночните обврски, воведување на модел на наплата на ДДВ, кој ќе ги елиминира проблемите при повратот на ДДВ и да се донесе закон за даночни советници. Бизнис заедницата предлага анализа на можноста за даночната амнестија, исклучувајќи ја амнестијата на криминалните дејствија. Стопанствениците бараат одлагање на примената на казнените одредби од Законот за ревизија до крајот на 2011 година. Членовите се запозаа со почетокот на работењето на Македонското кредитно биро од 1 јануари 2011 година, кое ќе биде од голема корист за правните и физичките лица. Управниот одбор заклучи да се изедначат царинските стапки за суровини и репроматеријали кои не се со потекло од ЕУ, со царинските стапки кои се применуваат во ЕУ. Да се стимулираат транспортерите во меѓународниот превоз на македонски производи со намалување на давачките за регистрација, лиценци, дозволи и осигурувања. Регресивен да е данокот на добивка, односно даночната стапка да се намалува процентуално за даночните обврзници со поголема добивка во предходната година. Да се донесе Закон за финансирање на спортот, фирмите, донатори или спонзори да се ослободат од одредени даночни обврски. Да се почитува Законот за јавни набавки и да се синхронизираат финансиските обезбедувања во согласност со распишаните тендери. Стопанствениците побараа работна средба со министерот за финансии и директорот на Царинската управа во Прилеп. Управниот одбор го избра Дино Москов, генерален директор на фирмата “Скопско Пиво-МЗ”, за нов член. На седницата присуствуваше претседателот на Советот на Општина Прилеп Димитар Стевананџија.

Loading