ОПШТИНАТА НА ПОТЕГ

ДРОГАТА-СТРАШЕН НЕПРИЈАТЕЛ ПРЕД КОЈ НЕ СМЕЕМЕ ПОВЕЌЕ ДА СТОИМЕ ЗАМИЖАНИ

 

Приоритетите во справувањето со дрогата се прецизирани во националната стратегија за дроги на Македонија. Нашата општина не мора да измислува топла вода, туку само да покаже подготвеност за акција и волја за бескомпромисен старт на стратешка и организирана борба против дрогата и сите зла кои таа ги носи со себе.

Приоритети кои безусловно треба да ги испочитуваме се:

1. Подигање на свеста и зголемување на поддршката на јавноста во за начелата и придобивките од намалување на штети од дрогата.

2. Обезбедување на услови за отворање на Центар за третман на зависници од дрога со кој, ќе се обезбеди достапност и пристапност на адекватна служба која ќе овозможи намалување на штетите за корисниците на дрога, намалување на страдањето на нивните семејства и порелаксиран амбиент за општината во поширок контекст.

3. Неопходно е да се избориме за намалување на маргинализацијата, стигматизацијата како и социјалното исклучување на корисниците на дрога и да обезбедиме подобра атмосфера за поголемо почитување на нивните човекови права и законски права од јавните институции.

4. Со посебено внимание треба да ги поддржуваме програмите за спречување на инфективни болести, поврзани со дрогата како што се ХИВ/СИДА, вирусните заболувања, хепатит Б и Ц и други болести поврзани со крвта.

За реализирање на приоритетите е неопходно отворање на Центар за третирање на зависници од дрога. Овој проект по својата важност е приоритет од прв степен на нашава општина кој треба да се реализира што поскоро. Ако се обезбеди функционирање на Центар за третман на зависници во Прилеп во 2011 година, не би можеле да сметаме дека сме посебно успешни. Оваа констатација произлегува од фактот што според бројот на зависниците од дрога, нашава општина е на трето место по степенот на загрозеност од дрогата во Македонија. Тоа веќе неколку години ја наметнува потреба за центар во нашава општина. Не би можело да се занемари сложената процедура за отворање на Центар за третман на зависници за чие ставање во функција е неопходна синхронизирана активност на неколку министерства. Меѓутоа, факт е дека Локалната самоуправа на чело со градоначалникот Марјан Ристески е задолжена да внимава на виталните приоритети во општината, да настојува, да поттикнува иницијативи и да овозможи реализирање, доколку смета дека е тоа од витална важност за граѓаните. Тоа особено доаѓа до израз кога станува збор за конкретна, бројна категорија граѓани – зависници од дрога и членови на нивните семејства, кои се нераскинливо поврзани со страдањето на нивните синови, ќерки, браќа, сестри, внуци…- зависници од дрога.

Во Клиничката болница во Битола е отворен Центар за лекување на зависници од дрога, во кој се применува супституциона терапија, односно на зависниците им се дава метадон. Обезбедувајќи ги на легален начин своите потреби во овој Центар, зависниците не мора да ја купуваат скапата дрога од чија дистрибуција некои поединци прилично се збогатуваат. Супституциониот третман во центарот за зависности од дрога во Битола помага на тој начин, што сега тие не мора да крадат злато, пари и други вредни работи од својот дом или од домовите на некои други сограѓани да ја набават неопходната доза, со што се спречува учеството во криминални кривични деликти, заради кои најчесто завршуваат во затвор.

За отворање на Центар за третман на зависности во Прилеп неопходно потребен е адекватен, соодветен простор и персонал кој ќе може да обезбеди високи стандарди во третманот на зависниците од дрога. Простор измислен за оваа намена е зградата на поранешното Инфективно одделение во кругот на Болницата. За функционалноста на овој простор, кој е идеален и може да овозможи беспрекорно функционирање на Психијатриско одделение (во еден посебен дел) и Центар за третман на зависности (во друг посебен дел) е информирана управата на Болницата. Но, засега не се наидува на слух за приоритетите, образложени и на последните две раководни гарнитури во болницата. Во разговори со директорите на Болницата е побарано разбирање и поддршка и разговор со градоначалникот за преземање конкретна акција. За жал, засега не се најде разбирање дека проблемите со дрогата се врвен приоритет, за кој треба да се бара ургентно решение. Заради сериозноста на проблемот со зависноста од дрога покажаа готовност да помогнат со логистика и финансиски средства Црвениот крст и Глобалниот фонд.

Бившото инфективно одделение претставува соодветен простор за Центар за третман на зависности од дрога. Психијатриското одделение со трите психијатри и двајцата психолози, медицински сестри со висока стручна наобразба како и едуцираниот психолог за работа со зависници од дрога од Црвен Крст претставуваат високостручен персонал, кој е целосно подготвен да се соочи со професионалните одговорности во Центарот за зависности од дрога како и со својата редовна работа на психијатриското одделение во Болницата. Добро профилиран, персонал ангажиран во Центарот за зависности од дрога, лоциран во кругот на Болницата, не можат да обезбедат ни многу поголеми градови од Прилеп, ниту пак некои побогати држави. Има некои најави дека инфективното одделение е веќе издадено под концесија за сосема друга намена. Како психијатар, кој низ својата професионална работа е запознаен со страшното зло што секојдневно го носи дрогата во многу домови на нашава општина, сметам дека е добро да проговорам отворено за проблемот со дрогата. Искрено се надевам дека серизоноста на проблемот со дрогата, ќе ги исправи сите жителите на Прилеп во единствено барање за поддршка и од нашиот градоначалникот како одговорен и загрижен татко на нашава општина во напорите за обезбедување услови за итно отворање на Центар за третман на зависности во нашиов Прилеп.

Психијатар

Д-р Јохан Ѓорѓиоски

советник во Општина Прилеп

Loading