РАЧНА “ПЕГЛА” ЗА ТУТУНСКО ЖОЛТО ЛИВЧЕ

Кај семејството Кочоски, на муабет при калапење тутун

Живот во круг – од фабричките хали се вратија на полето

Иако семејството Кочоски, само четири години е по полето фамилијарно, членовите не се аматери во тутунопроизводството. Од деца, од утро до мрак, го листаат горкиот тутун низ рацете и низ мислите. Горица и Илија Кочоски имаат по 53 години. Скоро десеттина година се без сериозна работа. Горица работела во Годел, а Илија во ЗИК – лозарство. На вратите каде што тропнале им рекле дека има се потребни млади, а со искуство. Лека – полека, Кочоски се зафатиле со колчето. Народски кажано, да го садат, палежниот – тутунот. Велат, мачен за работа, но ќе падне некој денар. Иако, по обичај, заработката од родот на страковите тутун, во повеќе семејства се троши такаречи на “зелено”.. Трите декари своја земја, Кочоски и годинава вешто ги сработиле. Две недели, баба Трајанка и снаата Горица се поклонуваат на жолто – црвените ливчиња тутун. Го диплат, го мазнат, го туткаат, го редат во калапчи. Потоа, низата се реди во сандак со саргија. Во ниската гаража, е создале услови за манипулација со листовите. Квалитетниот и личен ароматичен тутун го добиле од семето 66 – ка. Горица Кочоска, од искуство, вели дека квалитетот го дава и земјата. Треба и да се наводнува навреме. Без вода е како “црна ќерамида”. Посебно ако нивата е црвеница, стегната, каменлива во чие чистење треба труд. Тројца од фамилијата работат, тутун собран во 250 балиња. Доволно, зашто немаме услови за повеќе. Треба скелиња, рамки, а да се постават на нива, не е безбедно – вели Кочоска. Полека однижувајќи ја низата, објаснува дека за убаво да се пегла, односно калапи, најважна е мекоста. Малку времето да помогне, а тие го мекнеат во визбата, каде е влажно. Се мекнее и на пареа, во специјално копани дупки или се легнува на земја покриен со најлони…

Калапено ракатче во шума од царевка

Пеглаат, делејќи го на две класи. Убав – здрав и скапан – мувлосан. На голем и мал го селектирале при нижењето. Како деца сме саделе по 20 декари тутун. Некои работеа со аргати. Порано беше мачно да се стане пред петлите, тутунот да се набере пред изгрејсонце. Има буцканица. При пеглањето го делевме башка зелен, црвен, жолт, мал, голем. Сега е олеснато. Се дели на две класи – здрав и мувлосан. Претходните фази орање, садење и копање е машински – кажува Горица Кочоска. Свекрвата Трајанка се сеќава дека го чипчеле, го токмеле тутунот токму за на пазар, каде ќе се вага и потта вложена за секое ливче. Ќе земевме калапче од балето, мало колку раката да го собере. Ќе го измазневме и ќе го завиткавме со лист од кочан, од царевка. Така го редевме во денгчиња. Правевме мали денгчиња со најубавиот тутун и до две – три килограми. Однапред да се знае дека тоа денгче убаво ќе се плати – вели Трајанка.

Квалитетна манипулација за добра заработка

Тутунарите кои со години се низ стракови и листови во рацете, знаат да уживаат во токмењето и калапењето, редењето на низите во дрвени кругли. Калапчињата се вртени како бисер – неколку редови во висина како кула и стегнати во денгови. Го калапиме, пегламе тутунот. Не сме го дале никогаш во балиња или газен во картони. Убаво го работиме и треба да се вреднува правилно работата. Го дадовме еднаш и во Тутунскиот комбинат и во струмичкиот. Позадоволни бевме од струмичани при ценењето на трудот. Затоа и годинава, таму ќе го носиме. Очекуваме да се плати добро – заклучува Горица Кочоска. Таа, како и многу тутунари сега е домаќинка, која знае да го искориси продуктивно животот. Мора да се работи, да не се седи. Барем некој трошок ќе се покрие – рече Горица Кочоска. Земјоделската работа како и секоја друга е определба на семејствата. И од неа, како и од секоја друга, боли грбот, некогаш не се доседува, нервозата притиска од боцкањето на прстите, ревмата вие во коските… Кочоски имаат 20 – годишен син, кој помагал најмногу при нижењето на зелените ливчиња. За него излезот од безработицата е во странство.

Loading