НЕМА МЛЕКО, ОТИ Е ЕФТИНО

“Нема доволно млеко, иако плаќаме од 16 до 20 денари за литар, а начинот на плаќање е избор на сточарот. Недостигот се должи во загубената доверба кај сточарите, а понекаде и поради ниските цени. Но, постепено се враќа довербата кај откупувачите”. Ова го изјави Тодор Иваноски, еден од сопствениците на бугарско македонската млекарница Сирма и Пелистер. Заедно со бугарскиот партнер, Ивановски гради уште една млекарница во Битола, покрај закупената во Прилеп, и покрај дефицитот на млеко. Веќе сме вложиле околу два милиони евра во преработката на млеко. Ориентација е извозот на преработки во Белорусија, Египет и во други земји. Но, нема доволно млеко. Додека не ги најдеме потребните количества, пласираме преработки од околу еден тон дневно од преземените осум тони млеко, во капацитетот со технички карактеристики да преработи 40 тони млеко дневно – изјави Иваноски. Перица Иваноски, заменик министерот за земјоделие, очекува стабилизирање на односите меѓу сточарите и преработувачите на млекото. Се стимулира млекопроизводството со 2,5 денари за литар, а субвенциите ќе бидат комплетно платени до крајот на годинава. Со зголемувањето на цените на сточната храна, би требало да се зголеми и откупната цена на млекото – рече Иваноски. Млекопроизводителите бараат корекција на откупните цени. Сточната храна скокна за 60 отсто, а субвенциите за млекото останаа исти. Само со повисоки откупни цени и со рационалано производство, може да порасне млекопроизводството – вели сточар од селото Славеј. Во прилепско и битолско се градат уште четири млекарници.

Loading