ЕЗОП НА БАНДЕРА

Од косо видено

Човекот е информациско суштество. Тоа го знаел Дуче барабанџијата. И современиве сограѓани кои информативните содржини ги објавуваат каде што ќе им достаса раката и лепилото, шајката. Со информацијата “даваме бесплатно кучиња, мачиња” несвесно на бандера го приковале Езоп. Во басните со животните, алегорично се опишуваат односите меѓу луѓето и се даваат морални поуки. Денес, нашиве “крупни ѕверки” не ги собира ниту во басна. Сепак, потпрени на бандера нека “волтажно” не затресат секојдневно-езоповските размисли. Благородно е кога човек се грижи за некое животно. Нека е и заради релаксација или “друштво”. Но, кога на животното му се дава предност во однос на луѓето, тоа веќе е фабула за психолошка рубрика. Разочараноста во луѓето, страдањето од несигурност и чувството на пониска вредност поентираат со неразумна љубов спрема животните. Тие стануваат надомест за блиско човечко суштество. Им се дозволува да спијат во креветот, да јадат на масата. Се разговара и се нарекуваат “бебенца”, им се купува облекло и им се гради споменик, кога ќе умрат. Според езоповата драматургија, има и зошто. Кога долго живеат заедно, животните се засакуваат, а луѓето се замразуваат. Логично, кога човештвото е во преоден стадиум. Повеќе не е животно, бидејќи не го води инстинктот. Се уште не е човек, бидејќи не го води само разумот. На него поучуваат, парадоксално, животните. Луѓето пијаат без жед и водат љубов во секое време и на секое место. Тоа животните не го прават. Не се незадоволни, бидејќи не ги заразиле потрошувачкото лудило и сексуалната револуција. Затоа се “среќни”. А и здрави се, кога имаат доволно да јадат. Самозадоволни се и кротки. Не страдаат и не лелекаат за својата состојба. Не лежат будни во мракот и не бараат прошка за своите гревови. Ниедно животно не е на колена пред друго. Не знаат што за нив се зборува. Отпадникот од животинските идеали го прекоруваат. “Човеку, низаеден!”. И како тргнала хуманоста, ќе дојде на ред здружение за заштита на човекот. Кучињата ќе го “испишат” манифест по бандерите. Не само заради физиолошката функција, туку и како револт за она “даваме бесплатно кучиња”. Оној кој сака подарено куче, не избира какво куче сака. Оној кој се сака себе повеќе отколку кучето, мора да избере ретко и куче со педигре, поради што, уште повеќе ќе се сака. Мисли дека кучето е најдобар човеков пријател. Но, тоа е негово мислење, а не на кучето. Тоа ќе му биде верно само затоа што се навикнува на неговото тепање. Со подарените мачиња, е блесаво едноставно. Сеедно е дали мачката е црна или бела, под услов да фаќа глувци. Во спротивно ја чека судбината од мачките, уличарки. Со нив се брише прашината од тротоарите, оградите и скалите. Не личи ова на басна? Ако. И за замена не раскажувајте им ја на децата басната за штурчето и мравката. Штурецот, сега, е естраден уметник, а мравката плаќа влезница за концерт. Впрочем, децата повеќе милвуаат мајмуни. За нив, како синоним на нашиот град, во некоја друга прилика. Ако дотогаш преживееме. Сограѓанин, читајќи ја објавата на бандерата, пророчки коментираше: “Се плашам од потоп. Гледам наоколу се собираат животни од секаков вид”.

Марјан Спиркоски

Loading