ПРИЛЕПЧАНКА ВО САРИ ИГРА ИНДИСКИ ТАНЦ

Танчарката Николина Николески во Њу Делхи, ја воодушевува публиката

Прво гимнастика и јога во Загреб, современ танц во Германија

Танцот е кодиран јазик за молитви кон Бог, умот и срцето пренесувајќи приказни од историјата и индиската митологија

 

Кралицата на баратанатјам, класичниот индиски танц, настанат пред многу години со кој се пренесуваат приказни од митологијата, е прилепчанка. Николина Николески, далеку од своите македонски корени, во срцето на Индија, во Њу Делхи, на извонреден начин ги поврзува луѓето со духовноста. Небаре скулптура, грациозна, ги воодушевува гледачите со својот шарм и убавина. Таа е професионална танчарка., настапува пред Таџмахал, на бројни фестивали. Иако нејзината кожа е бела и се разликува од Индијките, таа оригинално успева да ја пренесе техниката која е спој на танцот, музиката и пантомимата. Изразот, емоциите, танцот, со типична индиска шминка и накит, облечена во сари, веќе неколку години прекрасно ги изведува молитвите за љубовта кон Бог, молитви за умот и срцето. Иако очите ја впиваат колоритноста и живописноста на Индија, на земјата позната по слоновите и зачините, длабоко во срцето ја чувствува Македонија, Прилеп и родната грутка на татка си Благоја од селото Вранче. В лето сакам да дојдам во Македонија, да го претставам индискиот танц на Охридско лето. Сакам да го видам во родното место на татко ми и да споделам со Македонците се што научив во Индија. Луѓето се шокирани од изгледот, кога ќе се каже моето име, дека не сум Индијка. Исклучително и фасцинантно сум прифатена и немам чувство дека сум странец – вели Николина Николески.

Старт со гимнастика и јога

Николина е родена во Загреб пред 34 години. Татко и Благоја од селото Вранче како офицер, заминал во Загреб. Се запознал со хрватката Ѓурга, а плод на љубовта е Николина, која од малечка ја привлекувал танцот, индиската култура, митологијата, Почнала со гимнастика, јога, завршила средно училиште за танц и ритми во Загреб. Отишла на танчарската академијата во Германија, добила стипендија во Индија, преку индиската влада. Првите студии по баратанатјам, класичниот јужно индиски танц, ги започнала во јужна Индија. Потоа се префрлила на институтот во Њу Делхи. Веќе шест години, откако е дипломирана, професионално се занимава со танцот, а подучува деца и во училишта. Уживам, ми се допаѓа оваа култура, начинот на живот, климата, секогаш е топло, сончево, со ведро небо, шарено, полно со случувања. Го сакам овој танц. Среќна сум што го остварив мојот сон. Секој е роден за нешто, за сликарство, за уметност, само прашање е кога ќе се препознае талентот и со тоа да се занимава. Ја препознав димензијата на индискиот танц како сличност со карактерот, со мојот тип на личност. Како мала не патував во Индија, ниту сум имала допир. Само гледав и читав документарни филмови и книги. Првата средба беше преку сцената. Гледав претстави и препознав блиско. Целиот процес на студии, се случуваше брзо, многу брзо учев, нов фантастичен вокабулар – вели Николина.

Танц на митологијата

Индискиот танц е еден вид кодиран јазик. Секој потег носи порака, сé е наративно и ја отсликува богатата култура, историја, митологија, еповите, приказните, поезијата, народните преданија за харемските танчарки кои танцувале за Бог, срцето, умот. За разлика од модерниот танц во Европа, кој е поатрактен и нема комуникација, пренесување на идеја, став, во Индија танцот доаѓа од историјата, од митологијата, од еповите Рамајана, Махабхарата. Се разликува по нагласокот на позитивен хепи енд, и по судирот и на крајот секогаш доброто победува. Има полесна и потопла димензија, а кореграфијата е приказна. Секое движење пренесува настан од историјата – вели Николина.

Кавалот и тапанот заеднички за Индија и Македонија

Според неа, индиската музика има сличности со македонската. Има блиско во ритамот, инструментите. Го слушав Тоше, компилации од Драган Даутовски, изворна музика. Во звукот на индискиот мелос, може да се препознае звукот на кавалот и тапанот. Ритмичноста на индиската музика потсетува на Македонија. Инструментите потекнуваат од фамилијата тапани, на кавалот – дад дам, банковач, трамблан, кавал, кој го свират на поинаков начин. Ако се направат паралели, се најдува поврзаност меѓу Индија и Македонија – вели Николески. Музиката и танцот стил на живот во индиската култура. Во секое семејство, секој знае да свири по два инструменти, секој знае да пее. Тоа се вештини како работа со компјутери, како готвењето. Секоја вечер во главниот град со 18 милиони жители има по стотина концерти, претстави. Далеку во земјата која е рај за љубителите на музиката и танцот, Николина Николески, сонува за скорешна средба со роднините во Македонија, со братучедите, тетка í, стрико í, дедо í во Скопје. Живее од танцот и за танцот.

Вежба шест саати дневно

Индискиот танц претставува сплет од различни движења. Потребни се многу вежби за работа на главата, стопалата, грациозните движења на рацете, иако температурата во Њу Делхи е 38 степени. Во принцип, танчерите имаат строг режим, дисциплина. Телото е инструмент со кој треба да се работи секој ден, да се усовршува. Вежба седум дена, пет дена по 6 саати и за викенд по 4 саати. Вегетаријанец сум од младоста . Ми годи исхраната. Овде е рај и заради нивната супер кујна, која изобилува со стотина видови овошје и зеленчук. Полесно е да се живее како вегетаријанец овде отколку во Европа – вели Николески. Покрај здравиот начин на живот, се дружи со пријатели, подготовува нови претстави и проекти. Еднаш годишно оди во Хрватска да ги посети роднините и за настап.