БИЗНИС ВО ЗРНО

Ла-Костас

Умешно тргување со жито, сточна храна, брашно, сол, масло, шеќер, јајца… 

Марифетот е во снабденоста, присутноста, убавиот однос со муштериите

 

Од макотрпна работа на прилепскиот пазар, никна фирмата Ла-Костас на Коста Митоски. Претпријатието постои од 1991 година, како заштитно друштво, а пред тоа било самостоен трговски дуќан. Денес претставува респектабилна компанија, која подемот го должи на умешното трговско работење со зрнестите култури, со житото, со сточната храна, брашното, и по малку сол, масло и шеќер, јајца… Сопственикот вели дека никогаш не работел во државна служба, туку потекнувал од сиромашно семејство со седум деца, растени од тутун, каде упорно се работело од мугра до мрак, без празник. Носи навика секогаш да им биде “на тацна” на муштериите, кои за него се светост. Повеќе од 30 години леб вади и го одржува семејството од приватниот бизнис. Не ги остварил соништата да крене преработувачки капацитет. Но, не се кае.

Без пари мешање на јачмен и пченка

Преокупација му се муштериите од селата. Со нив тера бизнис со години. Задоволен од прогресот и соработката, макар што последниве години паѓа прометот со сточна храна, оти се помалку се одгледува добиток со крахот на млекарницата Свед милк. А годинава, и поради растот на цените на пченката, која поскапел за повеќе од 50 отсто. Фирмата располага и со машини за мелење на зрнести култури. На муштериите им излегува во пресрет за мелење бесплатно. Имам машина. Ако муштериите сакаат мешавина на јачмен со пченка, се меле и не се наплаќа. Не дозволувам да се создава метеж, зашто можно е да застане трактор и да се создаде сообраќаен проблем пред фреквентната улица на дуќанот покрај реката. Марифетот е снабденоста, присутноста, убав однос со луѓето, да не се гледа човекот, стар или млад, изгледот, туку секому му е потребно нужно внимание, па ако сака да земе и литар масло или кило шеќер. Зашто капка по капка се собира, и се негуваат муштерии. На пекарите им давам брашно на одложено плаќање. Поинаку не се печали со една зделка. Така се вади мастравот и во недела – вели Митоски.

Ноќта небаре ден

Приватниот бизнис за него е единствен, иако е многу тежок начин за егзистенција и прогрес. Не знае за “нишај врата – земај плата”. Не сака да зависи од некој друг дали ќе му обезбеди плата, туку се стреми, како за сé во животот, сам да обезбеди за пристојно задоволување на семејните потреби. Знае само да работи по “24 часа”, со “правење на ноќта ден”, со малку одмор во недела и со трка во пазарните среди и саботи. Зашто, колку повеќе се работи, толку повеќе се остварува. Тоа е рецептот за успех. Ангажирам 13 работници, кои редовно земаат плата и им плаќам придонеси. Ниту ден не им е задоцнето. Но, се намалува добитокот, живината. Опаѓа побарувачката на сточна храна за јагниња, за овците храна, крави, говеда, прасиња, пилиња, кокошки. Населението емигрира од село в град, особено во Мариово, од каде ми беа најголемиот број муштерии. Прописите се затегнуваат. Не е товар и добро е што се бараат повисоки критериуми да се оди кон европските стандарди. А и добро е за здравјето на луѓето, со осигурување, прегледи, заштита… – кажува сопственикот на Ла – Костас, Митоски. Соработува со други фирми и зема ситна маржа да не се занимава со увоз. За иднината не зборува многу. Се токмел некогаш да се проширува објект за преработка на житото. Имал намера за мини погон настрана, но не ги реализирал намерите поради соработката со другите фирми и солидниот бизнис, А сега веќе му одминуваат годините и опстанува, без некоја поголема печелба. Тој не знае како ќе оди понатаму. Нема кој да го наследи бизнисот. Затоа по пензионирањето објектот ќе го давал под кирија.

Loading