КОНТРА СЛОБОДАТА ЗА ПУШЕЊЕ ВО ЗАТВОРЕНИ ПРОСТОРИ

Панче Дамески – пратеник

Темата за најпопуларниот локален неделник овојпат е Законот за заштита од пушењето и ставовите за или против. Темата пак се актуелизира, со влегувањето во собраниска процедура на старо-новиот предлог Закон за заштита од пушењето, од група пратеници од СДСМ. Мојот став е целосно против било какво либерализирање на постоечкиот закон. Образложувам зошто не е прифатлив предлогот за измена и дополнување на Законот за заштита од пушењето. Доколку се прифатат предложените измени, автоматски се враќаме на старото нефункционално решение. Предходното имавме ситуација каде во иста просторија можеше да се одреди простор каде е дозволено пушењето, а каде не. Таа одредба тешко се спроведуваше, а уште потешко се контролираше или санкционираше. Долги години законот се преработуваше и се менуваше, но беше крајно непрецизен. Дури со измените од 2008 година, оваа Влада имаше храброст, следејќи ги позитивните европски искуства, да пресечи со законско решение со кое недвосмислено се штити здравјето на сите граѓани.

Пушачка нација

Кои беа причините? За жал, Македонија е еден од најголемите потрошувачи на цигари во Европа. Годишно се пушат околу 11 000 тони цигари или просечно секој граѓанин пуши околу 5,5 кг цигари, или 2000 цигари. Податоците се алармантни и треба да го загрижат секој поединец. Повеќе од 40 насто од возрасните или околу 600 илјади луѓе се пушачи, од кои осум отсто или 50 – 60 000 се основци, а 20 проценти или повеќе од 100 илјади се средношколци. Со ваквите бројки, Македонија го држи високото второ место во Европа, според потрошувачката на тутун по жител. Пред нас е само Полска. Ова се навистина поразителни податоци. Познати се штетните последици од пушењето. Докажани се и претставуваат неспорен медицински факт. Здравствените проблеми поврзани со оваа лоша навика се големи, почнувајќи од кардиоваскуларните, респираторните, па до белодробните, малигни заболувања. Меѓутоа, научните докази не оставаат простор за сомневање и говорат дека само таму каде има целосна забрана за пушење во затворен простор е единствен докажан начин адекватно да се заштити здравјето на луѓето од штетните ефекти на пасивното пушење. Многу држави во светот успешно го имплементираа законот каде во сите затворени јавни простории е забрането пушење. Повеќе од 13 земји членки на ЕУ и уште многу други земји, како САД, Канада, Австралија, Турција имаат имплементирано слично закони како нашиот подолг период. Искуствата покажуваат дека постепено се подобрува здравјето на населението, се намалува употребата на тутун и цигари и долгорочно ваквите законски прописи немаат негативен економски ефект врз угостителскиот сектор.

Пушачки егоизам

Дека со актуелниот закон најмногу се оштетени угостителите, аргумент со кој најчесто се манипулираше од противниците на законот, не е тешко да се открие дека во заднината стои пушачкиот егоизам и хедонизам. Некако многу лесно, противниците поминуваат преку фактите за штетните последици од пасивното пушење. А науката говори дека вдишувањето чад од цигари е многу опасно по здравјето на сите луѓе, особено по здравјето на младата популација. Во чадот од тутунот има повеќе од 4000 познати хемикалии, од кои повеќе од 50 се канцерогени и предизвикуваат рак кај луѓето. Пасивното пушење може да предизвика срцеви заболувања, сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, пред се кај децата но, и кај возрасните. Науката е децидна. Нема сигурно ниво на изложеност на секундарен чад од цигари, односно од пасивно пушење. Ниту проветрување, ниту филтрација, самостојно или во комбинација не можат да ја намалат изложеноста на тутунски чад во внатрешни простории на прифатливо ниво. Само таму каде има целосна забрана за пушење се остварува вистинска ефективна заштита. Пред донесувањето на актуелниот закон повеќе од половина од детската популација во Македонија, вдишуваа воздух загаден со чад од цигари. Околу 60 отсто деца од училишна возраст беа пасивни пушачи на јавни места. Тоа претставуваше бројка од околу 300 илјади деца, кои секојдневно беа изложени на никотински чад.

Економски штети

Пасивното пушење има и големи економски последици. Трошоците не се ограничени само на директните за санирање на последиците од разни болести. Изложеноста кон пасивно пушење предизвикува индивидуални економски давачки. Плус има негативно влијание на бизнисот. Ова вклучува директни и индиректни медицински трошоци, но и загуби во производството. Значи науката е јасна. Научниот консензус, базиран на повеќе од 100 испитувања кај возрасни и кај деца, е дециден дека пасивното пушење не е повеќе само вознемирување, туку претставува сериозен здравствен ризик. Единствено 100 отсто ослободен простор од пушење е единствената ефикасна стратегија со која се намалува изложеноста на тутунски чад во затворени простории. Никакви климатизери, системи за вентилација и системи за климатизација не го постигнуваат квалитетот на филтрација на загадениот воздухот, а притоа да се заштитат непушачите од штетните влијанија на тутунскиот чад. Убеден сум дека е неопходно да се опстои на ова законско решение, каде е забрането пушењето во сите затворени јавни простории, а и поради фактот што повеќе од 70отсто од граѓаните го поддржуваат овој закон. И добар дел од пушачите го поддржуваат законот. Во разните дебати се наметна тезата “право на избор”. Концептот “право на избор” каде непушачите и пушачите се во иста просторија, претставува целосно игнорирање на сериозните последици по здравјето на луѓето од секундарен тутунски чад. Друга теза е дека со постоечкиот закон се загрозуваат правата и слободата на избор. Постоечкиот Законот апсолутно не загрозува ничии права. Само го штити здравјето по пат на регулирање каде да се пуши. Правото на едно лице да дише воздух без отрови има предност пред правото на пушачите да пушат на јавни места и да го загрозуваат здравјето на другите. Значи, нема кршење на слободата од користење на легален производ, туку за тоа каде може да се пуши, за да се избегне загрозување на здравјето на другите. Не треба да се дозволи пушење во јавни затворени простории, бидејќи секундарниот тутунски чад убива и предизвикува тешки болести, и секој има право да дише чист воздух, ослободен од тутунски чад, зашто единствено средина која е 100 отсто слободена од тутунски чад, целосно ги заштитува сите луѓе. Здравјето на луѓето е најважна инвестиција на секоја држава, а пушењето и пасивното пушење претставуваат докажан ризик за популацијата, апсурдно е барањето за либерализација на постоечкиот закон Останува мојата, а верувам и Вашата поддршка на забраната за пушење во затворени јавни простории.

Loading