КРАВИ НА ПИСТА

На спортскиот аеродром Мало Коњари

На аеро клубот “Прилеп” му тежат нерешените имотно-правни односи на површините, за чија регулација се потребни околу 25 илјади евра

Слетувањето и полетувањето е небезбедно, поради добитокот кој се напасува на пистата

Ставен во “лет “ единствениот авион, се бараат средства за репарирање на едрилицата

 

Овци, крави, кози, коњи на пистата на спортскиот аеродром кај Мало Коњари, нерешени имотно-правни односи и маки за одржување, се тешкотиите со кои се соочува аеро клубот Прилеп со едно летало, хангар, техника и аеродром, за кој некогаш се сонуваше дека ќе се прерасне во карго слетилиште и полетувалиште за големи воздушни пловила. Неколкуте ентузијасти маки мачат да го одржат во “кондиција” клубот и инфраструктурата со расположливата техника, со едениот “азган” авион. Како да ги издаваат напорите. Но, не се предаваат туку се уверени дека ќе успеат да го одржат клубот во функционална состојба, иако е регистриран како здружение на граѓани и егзистира главно од донации и ситна членарина на сé помалкуте заљубеници во височините, во падобранството, во едриличарството, во моделарството. Последниве години притиснале долгови за струја, вода…. Нерешениот статус на земјиштето на пистата создава нови главоболки и грижа за безбедноста на се помалкуте летови на единствениот авион, двоседот Утва 75, кој е ставен во функција со поддршка на прилепскиот “авиоман” Дејан Пеливаноски.

Долгови и иднина

А спортскиот аеродром има перспектива. Се поголем е бројот на сопствениците на авиони од таканаречените лесни летала, кои сакаат да се приземјат на одмор на “минување” или пак, сакаат да слетаат во Прилеп, како во неколкуте случаи, кога некои бизнисмени доаѓаат со мали сопствени авиони во бизнис мисии во нашиот град. Индивидуалниот авио превоз има иднина зашто паѓаат цените на леталата. Сега веќе чинат колку еден просечен нов автомобил од најмалку 20 илјади евра. Секретарот на клубот Никола Стеваноски се жали и стравува дека без поддршка, не е далеку денот за исчезнување на уште една историја на Прилеп. Авио клубот со традиција долга 50 години, кој “кренал” во височина многу пилоти, падобранци или едриличари е оставен на милост и немилост на “времето”. Неизвесноста ја темели на наталожените долгови од неколку илјади евра за струја и вода. Посебно го погодува статусот на површината на аеродромот, особено пистата. Се уште не е регулиран формално правниот статус на пистата. Некои од жителите на околните села сметаат дека дел од земјиштето и е нивно и ораат. Некои, пак, аеродромската писта ја користат за напасење на крави, овци, кози и друг добиток, со што се оштетува летилиштето. Не е безбедно слетувањето и полетувањето на спортски авион на лепешки и сточен измет. Плус се скусува тревнатата површина под минималните норми. Згора на тоа можно е да се направи инцидент со фатални последици при слетување на спортски воздухоплов. Се оди до таму што на некои места се вади и песок за градежен материјал. Други го користат просторот за пат. Не е чудно и ретко, наместо авион, на пистата да се види трактор. Жителите го користат просторот за побрзо и поедноставно стигнување до околните ниви. Со тоа ја копаат пистата, создаваат дупки и влијаат на сигурноста при полетите и атерирањата на леталата. Интервениравме неколкупати со пополнување на дупките направени од земјоделските машини. Посеавме трева на соголените делови испасени од овците и кравите. Но нема голем ефект. Со жителите не можеме да најдеме заеднички јазик да го отстранат добитокот и да го заобиколуваат аеродромот со тракторите – објаснува Стеваноски.

Позајмица за премостување

Сепак тој смета дека најгорливо е пронаоѓањето на одговорот на прашањето за земјиштето кое треба да се регулира и да се стави во законски рамки. За уредувањето на односите на земјиштето на летечкото пристаниште се потребни околу 25 илјади евра. Тоа е фантастична големина пари за нас. Апсурд е, додека немаме за вода и за струја. Не знаеме како да го “облажиме горчливиот вкус на земјата”. А има интерес за летање. Со позајмица од 8500 евра успеавме да го оспособиме единствениот авион Утва 75 по десетина години. Од прашината во хангарот го доведовме во “возна” состојба и го регистриравме за летање. Но, авионот треба да се регистрира, да се контролира да се одржува, да се тестира и да се полни со гориво, кое чини 160 денари за литар, а троши околу 40-50 литри на час. Летањето не е само забава за задоволство. Не е ефтино да се гледа панорамата од облаците и да се ужива во убавините на птичјата перспектива. Летањето има и корисна функција на набљудување за брзи интервенции од пожари и други ефекти. Згора на тоа, можно е со расположливата техника и лиценци на аеродромот да се прифатат на слетување и полетување спортски авиони од други земји, да танкираат, да се проверуваат и за сето тоа да се плаќа. Веруваме дека ќе најдеме начин да ги отстраниме дефектите и на едрилицата. Но, “приказната” почнува и завршува со сопирачката – земјиштето – вели Стеваноски. Како и да е, во клубот не губат надежи, туку настојуваат да најдат квалитетни спонзори и заљубеници во височините да се спаси од заборав уште еден препознатлив знак на Прилеп.

Loading