АРНИ МЕНАЏЕРИ ТРУПААТ ДУБИОЗИ

Помина собранието на Тутунскиот комбинат

Загубата е 30 милиони евра, но е намалена со актуелниот менаџмент

Работењето низ инспекциско сито

Владата му даде виза на актуелниот борд на директори на Тутунскиот комбинат (ТКП) да го води загубарот во потрагата по спас кај некој странски инвеститор со “портфолио” од 30 милиони евра загуба и неколку пропаднати тендери за продажба. Пред две години, државата ги конвертира во траен влог побарувањата од над 50 милиони евра на име даноци од ТКП и стана доминантен сопственик со 72 отсто од акциите, како што стои во Централниот депозитар за хартии од вредност.

Државни два прста за директорите

Во таков амбиен успеа последниот, трет обид за заседание на Собранието на акционерите. Претставникот на државниот капитал, од секторот на потпретседателот на Владата Владимир Пешевски, ги крена рацете со “своите” 72 отсто, да не се менува актуелниот менаџмент. Додека, како што стои во соопштението, “државата” се воздржа да ги визира годишните сметки и финансиските извештаи за работа на ТКП и друштвата “Тутун” и “Цигари” за 2009 година, поради конверзијата на обврските на ТКП. Од друга страна, државниот претставник гласаше за извештајот за ревизијата на финансиското работење на ТКП за 2009 година.

Премиерот Никола Груевски соопшти дека ТКП го чешлаат инспекции, откако пратеникот на СДСМ Горан Сугарески го обвини првиот менаџер Жарко Христоски за неплаќање на ДДВ и давачки за земјоделие, екологија и здравство, вкупно од по девет денари од кутија цигари. Сугарески тврди, кака што рече на собраниската говорница, дека Христоски, без трунка етика, зема плата можеби поголема од премиерот или околу 1500 евра.

Во ТКП соопштуваат дека платата на првиот менаџер е деловна тајна. Ист одговор имаат и од кабинетот на потпретседателот Пешевски, а од Царината, каде по Нова година се воделе плаќањата на ДДВ и надоместоците, одговорија дека се даночна тајна плаќањата на ТКП на име ДДВ и надоместоци за земјоделие, здравство и екологија со секоја кутија цигари, иако ТКП практично е државна фирма со 82 отсто од акциите, вклучувајќи ги десетте проценти од ПИОМ.

Одржана ликвидност

ТКП соопшти дека загубата во 2009 година била помала за 48 отсто во споредба со претходната и изнесувала околу четири милиони евра. Со евидентирање и докнижување на обврските од пред 31 декември 2008 година, загубата во 2009 година е околу 30 милиони евра. Во 2009 година голем дел од компаниите се соочуваа со неликвидност и предвидување на ризиците, а менаџментот успеа да ја одржи ликвидноста – соопшти Рубин Соколоски, финансиски директор. Државата “нема лек за болниот гигант”, по неколку обиди за пронаоѓање на странски инвеститор. Една опција е нов тендер со порелаксирани услови, бидејќи досегашните се сериозна бариера за потенцијалните купувачи. Друга, која е теоретски можна и за која се прави проценка, е дали може да се пристапи кон директни преговори со потенцијални купувачи во некаква транспарентна постапка на наддавање или можеби со директен договор, кој би морал да оди низ парламентот. Опција е да се реструктира компанијата, што значи докапитализација. Тоа би значело враќање во друг систем, кога државата ги водела компаниите. Видовме колку тоа успешно го правела досега. Не го препорачувам тоа – вели Пешевски. Ситуацијата ја отежнуваа што речиси целиот имот е под хипотека, што има превработеност, а технологија е стара и по неколку децении. Вицепремиерот смета дека една од главните пречки за влез на странски инвеститор во загубарот е условот да се задржат сите вработени во првите пет години. Тоа е превисока бариера, посочена и од заинтересираните. Цената не е главниот критериум, целта не е да се приберат повеќе пари, туку да се задржат вработените – констатира Пешевски. Пред претстојниот откуп на тутунот, кој треба да почне најдоцна до 15 декември, ТКП треба да обезбеди и банкарска гаранција за откуп на одредени количества тутун од тутунарите со кои има склучено договори. Дознаваме дека швајцарскиот дамнешен партнер Верхајмер, како лани, ќе подаде рака. Ќе гарантира дека ТКП ќе ги врати кредитот за плаќање на кооперантите. Но, неизвесна е натамошната судбина на ТКП со околу 1300 работници, кој продолжува да трупа нови загуби.

Loading