СПОМЕН ПЛОЧА ЗА НИКОЛА БУВИЕ

Универзитетот за аудиовизуелни уметности “Есра” во соработка со општината, поставија мермерна спомен плоча во паркот во центарот со името на светски познатиот писател Никола Бувие (1929-1998) од Швајцарија. Се овековечи името на авторот, кој во книгата “Употребата на светот”, достапна и на македонски јазик, објавена во над сто јазици, пишувал за Прилеп. Бувие и сликарот Тјери Верние во Прилеп престојувале три месеци во 1953 година. Опишал галерија на ликови, меѓу кои Петре Лефтерија чии снимки, што ги направил Бувие се ставени во Музејот на Женева. Ако не беше книгата на писателот не ќе знаевме кој бил Мат Џордан или Методија Зајкоски, кој студирал со Чарли Чаплин. Затоа му се оддава почит на Бувие – рече Јордан Плевнеш, ректор на Универзитетот “Есра”, при откривањето на плочата, на која пишува “ За швајцарскиот писател кој го овековечи Прилеп”. Никола Бувие, запишал дека “Балканот е срцето на Европа”, а Прилеп го опишал како интересен град. И во 1995 година пак ги шеташе улиците низ градот. Со носталгија се сеќавал на првиот престој во градот под Марковите кули. Прилеп со брзи чекори се движи кон Европа. Ми недостасуваат старите сокаци, кепенците од дуќаните да се вратам во минатото – изјави тогаш Бувие. Плочата се постави во рамките на симпозиумот “Балканот и Европа”, што го организира “Есра” во Скопје со учество на значајни писатели, уметници и јавни личности од земјата и од Балканот.

Loading