САМОВОЛНО УЗУРПИРАЛЕ ПАРКИНГ

Станарите на зградата кај ЈП за станбен и деловен простор сами направиле паркинг. Нацртале бели линии, поставиле метални рампи и обезбедиле паркинг за своите автомобили пред зграда. Граѓаните реагираат со прашањето, што би се случило, кога секој, на своја рака би ограничувал простор. Има приватни куќи и други згради, чии жители се снаоѓаат при паркирањето на автомобилите, барајќи најблиското паркиралиште. Прашуваат зошто се диференцираат привилегирани и непривилегирани возачи или автомобили? Зошто едни се дискриминирани во однос на други. Каде се службите да го спречат самоволното узурпирање на градското заедничко земјиште? Се добива впечаток дека секој може да приграбува паркинг, каде му е најзгодно. А другите да плаќаат или да се принудени да вртат низ улиците со саати во потрага по слободен бесплатен простор за автомобилот. И тоа би било во ред, да не биде ова држава правна, туку да е башибозук. Ама претендираме за Европа. Таму нема трте-мрте. Никој не се дрзнува да обелжува “своја” територија за автомобил. Велат дека паркингот им бил нужен, откако им ги урнале гаражите, да расцвета просторот. Не кажуваат на чија земја беа градени. Дали беа питоми, законити, или диви објекти, градени со амин на некој локален моќник пред 30 години, оти таму имал стан. Вакви гестови оставаат лош впечаток и за едните и за другите. Едните се топорат и иритираат, а надлежните, другите, како немо да гледаат како се “дивее под пенџере”.

Loading