ОКТОМВРИ – ЗНАК ЗА НЕПОКОР

Стеван Боцески, член на Унијата на ветерани на ВМРО – ДПМНЕ

Членство во партијата е алтернатива за секој чесен Македонец.

Прилеп не згреши што прогресивно се ориентира кон вмровската идеја и Марјан Ристески

,,Да се следи идејата на ВМРО, која е институција, религија, е голема чест иако некои беа прогонувани како тоа да е најголем ерес да се борат за своите идеали. Гонети беа чесни граѓани, со авторитети, кои го сфаќаа својот род, татковината,,. Вака вели Стеван Боцески, кој е еден од ветераните на ВМРО – ДПМНЕ, по повод 23 Октомври, празникот на македонската револуционерна борба. Октомври е полн со симболика, зашто се кренало Кресненското востание, а во 1893 година се формирало ВМРО. На 11 Октомври 1941 година пак се крена востание за ослободување од фашизмот што е епилог на македонскиот непокор од потребата да се бори нашиот народ и да опстане – вели Боцески. Стеван Боцески се зачленил во ВМРО – ДПМНЕ во 1991 година, наоѓајќи го местото на родољубието, правдата за сопствениот народ, докажување, културен натпревар. Стапив во членство со формирањето на партијата зашто немаше алтернатива за секој чесен Македонец. Не се каам, не жалам, зашто чувствувам дека го најдов јатото, каде луѓето се препознаваат по перјата. Тоа се домаќини. Кога куќа треба да се заздрави, најхрабрите ги удираат темелите. Се спротивставивме на деструкцијата, создававме ренесанса кај македонкиот народ, ја пробудуваме желбата за просперитет. Зашто народот беше теран да не мисли за себе, да мисли дека е нација од понизок ранг, дека за ништо не ја бидува – доктрина на нашите комшии, да не осудат на ужасен бескрај – вели Боцески

Лепел возови со македонско писмо

Раскажува дека поранешниот секретар Гоце Ангелески шетал по домовите и им објаснувал на луѓето. Ме викна и не се двоумев. Пред тоа немав можност за активност, а не сум бил член на Сојузот на комунистите. Не бев малтретиран поради моите погледи. Бев во Друштвото на македонците од Егејска Македонија. Тие први го почнаа отпорот на државата од 1983 година. Лепевме возови со налепници од овде до Сежана, дека македонскиот јазик е свет. Правевме прекини на границите, праќавме демарши до министерот за надворешни работи Лончар и други. Се воодушевував на идоли-луѓе, кои не се живи. Таа ренесанса и вакум не ги искористивме за побрзо консолидирање на македонштината. Зашто “на спиење” можеа да се фатат многу работи, кои не беа, во координирана смисла, појавени пред нашата држава – објаснува ветеранот на ВМРО – ДПМНЕ.

Независен кандидат на првите парламентарни избори

Во 1990 година ВМРО – ДПМНЕ победи на првите парламентарни избори. Стеван Боцески бил независен кандидат, заедно со Петров, Никола Костурски и Марјан Воденски. Четворицата требаше да сме пратеници со потписи. Само Петров успеа, но се приклучивме во Партијата. Како секратар во центар имавме активности, додека луѓето се плашеа да даваат придонес. Ја побаравме енергијата од оние кои ја сакаат својата земја, род, иднина за своите деца, и ја добивме. Прилеп не згреши што прогресивно се ориентира кон вмровската идеја. Случајот со Марјан Ристески и преродувањето на градот го кажува тоа. ВМРО – ДПМНЕ е модерна партија и создава услови за сите луѓе – констатира Боцески. За опозицијата вели дека неоправдано одбира деструкција, нешто што не не спојува. Не сме виновни што кај нив нема разум, што не размислуваат како би направиле нешто подобро. Кантите ги кршат, зашто ВМРО ги прави. Треба да понудат поубави и поквалитетни. Треба градот и себе си да се сакаат – коментира Боцески. Според него, преку ноќ не може да се очекува нешто што се унишувало сто години, но пораснала националната свест.

МОЛК ЗА РАЗГЛАСОТ ЗА ПАТРИОТСКИ ПЕСНИ

Боцески вели дека му било нудено од службите да биде кодош. Работев во Тутунски комбинат. Ме следеа, ме честеа да им кажувам каде одат, што прават. Само сакав да му помогнам на мојот народ, а не да кодошам. Реагираа на изборот на музиката што ја пуштав на разгласот. Сметав дека треба да се влијае на работниците со патриотски песни. Разгласната ја затворија – раскажува Боцески.

НА МЛАДИТЕ Е ПАРТИЈАТА

Со реконструирањето на партијата, дојдоа млади, непознати луѓе, 90 проценти. Си велам, господи боже, со кого ќе тераме партија и ќе продолжиме со идеите. Ама децата се работни. Се воодушевив. Си велам, еве од Хераклит – “тие белоглави орли во парламентот да заминат и да застанат, власта да им се даде на голобради момчиња”. Се согласувам. Момчињата се сериозни, се докажаа во градот и пошироко. Депласирано е да се зборува дека немаат успех. Резултат е да се добијат 30 илјади гласови. Никогаш тоа нема никој да го достигне – вели Боцески.

ВЕТЕРАНИТЕ ВО ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА

Утре напладне членовите на Унијата на ветерани на ВМРО – ДПМНЕ ќе реализираат хуманитарна акција. На семејството Кулески од Штавица, и семејствата Димески и Стојкоски ќе им подарат облека, храна и техничка стока.

Loading