СЕ ИНАЕТАТ НА ПЛАСТИКАТА

Вратите и прозорците од ,,Борче,,

На Запад се враќа дрвената дограма

Квалитетни дрвени врати и прозорци вградуваат на објектите кои се градат, главно во Скопје

Не попуштаат на пазарот класичните врати и прозорци од дрво, на ранг на најквалитетните со атакот на пластичната дограма. Тоа го потврдува фирмата Борче од Крушево со модерен погон за столарија кај селото Врбоец. Со 40 годишно искуство, сопственикот Борче Дамјаноски, иако чувствува “силни” удари од “хемијата”, сепак верува дека иднината е во природните материјали. Верификација се информациите дека, на Запад, веќе се враќа дрвената дограма на “голема врата” во станбената и во деловната градба. Затоа не губи надеж, и покрај редуцираната работа. Поголем товар му е наплатата, отколку пазарот. Исклучиво со градежна столарија – врати и прозорци – сум 40 години. Не мешам друго производство, како на пример мебел, иако колегите мислат дека се поплатени, ако работат повеќе. Ориентација е квалитетот, пред сé. И го одржуваме. По тоа сме препознатливи – вели сопственикот Дамјаноски.

Суровина има – пазар нема

Кажува дека првин работилницата му била во Крушево, а пред 13 години “слегол “ долу, пред Кривогаштани со проширувањето, градбата на погоните и инсталацијата на нови модерни машини за квалитетна изработка на сите видови врати и прозорци од дрво. Моментно ангажира десетина работници, а порано биле повеќе. Немаше простор, а овде два хектари со објекти од 1500 квадрати. Располагаме и со сушилница на дрво, која “вади” дрво, просечно со 11 проценти влажност. Тоа е темел за квалитетно производство, покрај расположливите машини за обработка на дрвото. Се обработува фаза по фаза. Се сече, се лепи, се окова, се мазни со машина до дел од милиметар… Има суровина од бел бор или ела… Кога почнав немаше, а пазар имаше. Сега е обратно. Пазарот го бараме, а суровини колку сакаш – објаснува Борче.

Извезувале и за Грција

Мајсторилакот во обработката е во материјалот и искуството. Кога ќе се поврзат, сработени на современа техника, тогаш на виделина излегува висок квалитет. Не се става чурук материјал. Во тоа е марифетот на занаетот. Граѓаните се мали муштерии, а неколку фирми вградуваат дрвени квалитетни врати и прозорци на објектите кои ги градат, главно во Скопје. Таму е голем пазар и успеваме да го задржиме. Малку опадна работата на фасадната дограма од пластика, која првин беше поскапа, а сега е малку поефтина. Но кај дрвените врати “нема зима”. Во Прилеп малку се работи, освен по нарачка порано извезов неколку шлепери за Грција – вели сопственикот Дамјаноски. Тој кажува дека не се грижи за иднината, оти во бизнисот веќе е влезен неговиот син. Како и да е, добро е, освен наплатата, која го сопира во напредокот – завршува Борче.

Еколошки бои

Дамјаноски вели дека дограмата ја обојува со еколошки бои кои се многу трајни и здрави. Со еколошките бои, на дрвото му се дава подолг век, прозорците стануваат потрајни и заштитени од временски непогоди, особено изложениот дел на сонце и дождови – објаснува Дамјаноски.

Loading