СИНЏИР НА ВРАТА И МЕТЛА ЗА НОВИНАРИТЕ

Одложено Собранието на акционери на Тутунскиот комбинат

Бидејќи биле евидентирани само 11 отсто од акциите и не присуствуваше претставникот на државниот капитал, именуван од Владата, кој управува со 72 отсто од капиталот, вчера се одложи акционерското собрание на загубарот, Тутунски комбинат (ТКП). Зад заклучени врати за јавноста, со синџири и силно физичко обезбедување беше обидот за одржување на собранието. Екипата на “Зенит” беше грубо оневозможена да присуствува, сепак дознавме дека собранието пак ќе заседава по три недели. Портпаролот на Тутунскиот комбинат изјави дека собранието ќе биде закажано повторно. Љупчо Котески, портпаролот на Тутунскиот комбинат, не ги соопшти причините за одложувањето. Не сум се видел со директорот и не можам да ви кажам зошто се одложи. Утре ќе има соопштение. Ќе се закаже ново собрание во законскиот рок. Акционерите ќе бидат информирани. Новинарите не биле пуштени да го следат собранието, оти ТКП е акционерско друштво – изјави Котески, не објаснувајќи како е можно тоа кога државата е доминантен сопственик. Од извори од малцинските акционери на ТКП дознаваме дека собранието се одложило, оти им било соопштено дека денеска се отвораат понудите од тендерот за продажба на ТКП.

Портпаролот на Министерството за економија Селвет Барути беше недостапна да потврди или да отфрли отворање на понуди од тендерот за продажба на мнозинството акции во државна сопственост на ТКП. Државата бара купувач за ТКП преку тендер уште летоска. Пред крајот на рокот, Министерството за економија ја продолжи продажба за уште 60 дена, а деновиве изминуваат и последните рокови. ТКП е акционерско друштво, во кое, според Центарниот депозитар за хартии од вредност, Владата располага со 72 отсто од капиталот, Фондот за пензиско има околу десет проценти, а малите акционери, поранешни и сегашни работници располагаат со остатокот. Државата стана мнозински акционер лани, кога сите долгови на ТКП кон државата ги претвори во акционерски влог.

Пропадна продажбата на Тутунски и Еурокомпозит

Петта неуспешна продажба на ТКП и Еурокомпозит. Иако неколку фирми подигнале тендерска документација, никој не доставил понуда за купување на двете фирми, покрај продолжениот рок за два месеца. Во ТКП работат 1166 работници и има милиони долгови, а Еурокомпозит има 454 вработени со близу два милиони евра борч. Дали за инвеститорите беше најспорен делот од тендерот да се задржат вработените пет години, е прашање на кое тешко наоѓаат одговори и експертите, а на кое ќе треба да одговори Владата.

Loading