ЕТНО – “ХРАМ” ,,МАЈКА ТРАДИЦИЈА,,

Од ,,Ленкината” копринена кошула, мариовските носии на Љубица, ситото од Митрикевци до ирамите, килимите на прабабите… 

 

Ако сакате да чепнето по корените на македонската жена тргнете од прилепската. Преку допирот на рацете и духот се целива. Ткаела, везела, шиела. Созадава креации во некои чудни времиња. НВО ,,Мајка традиција,, негува интересна традиција на гостопримство во Етно собата на ,,Марксова,, бр. 200, која за посетителите и љубопитците отворена е три години. Таму пречекуваат со љубезност и дарежливост активистки или претседателката Љубица Петреска. Раскажувањата за изложените парчиња се залеани со капки љубов. Ќе потонете во поинаков свет. Близок, а далечен. Со првиот чекор во шаренилото на ракотворби, од народни носии, од уреденост во просторија, ве понесува пријатната атмосфера. Поттик и за песна, за оро, со релаксирачко кафе. Самите бараме повод да се дружиме. Секоја среда по ручек тука сме. Прославуваме роденден, слава, свадба, пречек на гости кои сакаат да ѕирнат во душата на прилепската жена. Како да ѕиркаат во нас, зашто тука се сите наши ракотворби, лични, и од баба, прабаба, стари и по 200 години – вели Љубица Петкоска, претседателка на ,,Мајка Традиција,,. И носијата на Љубица е тука.

Практикува да ја облечи на манифестации. За плетенките (пакодите) од тетка ми даваа 200 евра. Таа сега има 90 години, но никогаш не би ги оттуѓила. Тоа е нејзината вистинска коса од девојче. Срцата ни се исполнуваат кога нашите внуци ќе не поздрават од врата со зборовите – што правите сега мајки – рече Петреска. Триесеттината активистки на невладината организација збрале над 1200 парчиња етно ракотворби – од копринени везени кошули и пердиња, чаршави, ткаени на разбој 12 носии стари над 100 години, торбиња, шамии, срмена невестинска облека донесена од Америка, стара 160 години, окрешение од пред 130 години, везено на крепсатен со тура со мотив фазан, триипол метри долга обиколка за миндер, стара една деценија. Тука се и чевриња без кои не бидувало свадба, врзоглавка, елемиче, чаршави носени од Италија, покривки со вретени реси, столарчиња за сандалии од трска везени дури и на конопни вреќи и тробозани. Од ирамчињата тука ни се лозата, грозјето, мотивите, ружите, фурките, шахот, трендафилите и десет разни килими од кој изложен е најубавиот – цветниот. Тука се перничињата со жабици и ружи, кои деца ги носеа на раце одејќи пред шпедитерските коли товарени со рубата од невестата. Фамилијата Митрикевци има бројни парчиња кои ја красат Етно собата. Нивно е коприненото сито старо над 200 години. Преку него се видени зетовите од трите невести – кажува Љубица Петреска. Панде Ризеска, со 68 години, среќна е што е дел од овој начин на негување традиции и дружење меѓу постарите генерации па, и помладите. Вели од секаде ги посетувале. Имаме бројни благодарници и признанија. На кедела волна имам сучено, памук предено. Така се прават конци од кои ткаевме, везевме. Сиромаштија беше. Пред легачињата (пампурчиња) ќе седневме да ни свети пламенчето како кандилце и предевме. Убаво е што посетителите на варошките манастири не посетуваат и низ лаф муабет им раскажуваме за традицијата, а со тоа и за животот на прилепската жена. Нé посетија жени од од Автокоманда, каравани на Драгица Стефаноска, која толкува сонови, сограѓани, а редовно комуницираме со градоначалникот Ристески – вели таа. За празникот ,,11 Октомври,, и во чест на ,,Св Никола,,, ,,Мајка традиција” планира на ,,Килимијада,,, да изложи килими, јамболии, ирами…

Loading