“ЛУБ-Л-ЕНИЦА”

Од косо видено

Августовски фестивал на лубеници во Оклахома, Америка. На светските плажи, не во бикините туку околу исончаните тела-лубеници. По прилепските улици, бостанџија на трактор со самоделски мегафон огласува: “Лубеници!” Најголемата пријателка на летото, лубеницата од светот прави големо село. Му ја гаси жедта. Го тормози со семките. Во чифт, го скокотка под мишка. И заслужено бара да биде именувана “луб-л-еница”. Зошто? Трпение-сознание.

Земјоделец од прилепско село, сака да остане анонимен се додека не заслужи титула “лубеничарски експерт”. Орајќи ја нивата, востановил дека нема полза да спрегне биол и болва, иако се црни. При одморот, јадејќи лубеница внимава да не голтне семки. Се плаши да не му израсне лубеница во стомакот. Го чеша него. Болва се провнала под кошулата. Биолот не може. Поводи со контекст. И, еурека! За семките сами да скокаат, ќе вкрсти лубеница со болва. Оплодувањето е во тек. Во Оклахома, пак, подготовки за натпреварот што завршува со плукање семки од лубеница во далечина.

И таму, како овде, нештата се како лубеница. Одозгора една боја, но внатре друга. Дури и луѓето се како лубеници – однадвор сите изгледаат како луѓе, но внатре не се знае што имаат. Затоа, едни го обраа бостанот, а другите се сладат. Тие добро се извежбале во носењето две лубеници под една мишка. Имаат два стана, два автомобили, две љубовници и два морала. Станаа богови, иако се атеисти. И ретко се сами, бидејќи се дволични. Оние првите, ако се охрабрат, можат да носат две лубеници под една мишка, но не долго. При тоа, мислејќи дека се нашле себеси, се соочуваат со друг човек. За да издржат подолго, се погрижиле Јапонците. Тие одгледале лубеници во форма на коцка. Сега носењето две лубеници под една мишка ќе го може секој. И сите ќе го оберат бостанот, без да се сладат. А, во Оклахома, привршува трката на 5 км со две лубеници под една мишка. Во голема предност е еден мал Бушман. Има и зошто.

Лубеницата, според преданијата, потекнува од пустината Калахари, Африка. Таму живеат Бушманите во заедница проникната со љубов. Затоа, вкусот на лубеницата е доказ дека природата ги сака луѓето. Кинезите и Јапонците кога одат на гости, во знак на почит и љубов, носат лубеница. Ете зошто лубеницата треба да се прекрсти во “лубленица”. Има уште “зошто”. Лубеницата содржи висок процент аденозин. Тој поволно влијае на работата од срцето и на еластичноста на крвните садови. Поради тоа, лубеницата се третира како афродизијак или природна вијагра. Затоа, мажите со две лубленици под мишка, кога ќе дознаат дека Земјата има два пола, одма прашуваат “Кој е женскиот?” Со мерак јадат лубленици. Жените ги сакаат толку лудо што редовно посетуваат психијатар.

А во Оклахома веќе е лудо. Вљубените двојки се подготвени за натпреварот во брзо јадење на лубленици. Вообичаено, дури од кога ќе се соблечат, ним им станува жешко. И за гаснење на жедта, потамануваат многу лубленици. Сласта толку им расте, што забораваат, според правилата, да ги плукаат семките. Натпреварот, на нивно задоволство, мора да се повтори.

Во меѓувреме, поттикнати од тој натпревар, овде домаќинките силно толчат лути пиперки во аваните. Земјата под Прилеп се тресе. Се смирува кога лизнуваат лутина од толчникот. И како што е редот – домаќините се докажуваат со ладно сервираната лубленица.

 

Марјан Спиркоски

Loading