БРАВО ЗА ВАСИЛКА

Некои настани, некои случки, долго се паметат. Навидум едноставни, секојдневни, но ете, си осигурале длабоко место во меморијата.

Тесните улички зад автобуската станица. Пред многу, многу години. Не знам каде ме водеше патот. Пред мене – млада жена со машко детенце на околу четири до пет години. Жената, со десната рака, цврсто го држи детенцето за левото раче. Нејзе како да ја интересира се наоколу. Се распулува насекаде. Поточно – се џари насекаде. Детенцето не може да го следи нејзиниот ритам на движење. Поттрчнува по неа. Таа не обрнува многу внимание на него. Одеднаш, од десната страна, од другата тесна уличка, од една порта, скокнува шарена топка и се тркала по асфалтот. Тоа го привлече вниманието на детето. Веднаш се заврте натаму. Пред него, доста големо вирче со нечиста вода. Жената не обрнува внимание, детенцето гледа вдесно и – шлуп во вирчето. Се испрска, се извалка и панично списка. Виде мајката, го испушти и со раката, онака опачечки, толку силно го удри по лицето што детето едвај се задржа на нозе. Го фати мајката за коса, а со другата рака уследија уште неколку шлаканици. Писка детето преплашено, се тресе. Ги крева рачињата нагоре, како да моли за милост или за помош. Наместо тоа, неколку остри реченици од мајката – “Да не си слеп! Гледај кај одиш! Гледај што ги направи чорапите и панталоните”.

Не можев да останам мирен. Нешто се разбунтува во мене, но не можев ништо да направам. Единствено ми остана да констатирам дека има и такви мајки.

А зошто овој увод? Зошто го раскажувам овој настан од пред триесетина години? Има за што!

Неодамна, со мои пријатели, новинари, разговараме за проблемите во новинарската професија. Се спомна во разговорот и поранешниот Центар за радио и печат од Прилеп. Тој веќе не постои. Ми објаснуваат пријателите дека, речиси сите новинари од Центарот, кој ваму – кој таму, ја продолжиле својата работа. Стана збор и за Василка. Таа беше лектор во Центарот. Сме соработувале некогаш. Јас пишував некои текстови за јазикот во тогашниот весник “Народен глас”. Василка, како лектор, требаше да ги провери. Па така, често пати споревме за некои точности или неточности. Пријателите ми објаснуваат дека сега Василка се занимавала со гледање, негување на ретардирани деца.

Како и многупати, и овој пат се покажа дека животот може да биде одличен режисер. Наредниот ден по разговорот со пријателите новинари, се шетав некаде околу пазарот. Одеднаш, слушнав детски пискави гласови. Тоа ми го сврте вниманието. Се завртив на таа страна. Гледам – Василка со две дечиња, кои цврсто ги држи за рака.

– Значи – тоа се тие дечиња, – си реков.

Од физиономијата им избива и се чита недоволниот ментален квантум. Од надворешниот изглед се чита грижливата рака на Василка. Тоа ме принуди подолго да ги гледам. Тие дечиња беа толку чисти, измиени, убаво облечени, исчешлани. Нивното чувство за ориентација е намалено. Василка, со огромно мајчинско чувство, со огромно внимание ги држи цврсто за рачиња, зашто тие инаку би можеле да заскитаат. Вака, како што ги води Василка, не едно вирче со нечиста вода, туку да имаше и десет, тие деца не би шлупнале, зашто грижата на Василка е насочена исклучиво кон нив. Таа не би дозволила да стапнат каде што не треба.

Веќе се разминавме. Влегов во една продавница за бели печива. Во тој момент слушам силен, пресилен детски глас кој вели – “Добар ден”. Се свртев – Василка со дечињата влегува. Го научила таа детето дека кога влегува некаде треба да рече – “Добар ден”. Го прави тоа машкото детенце, без разлика на тоа што чувството за контрола не му е на потребното ниво.

На вратата од продавницата – ресеста завеса. Од оние, против муви. Влегувајќи внатре, девојченцето се заплетка во ресите и списка силно и панично. Ме потсети тој крик на она детенце што згазна во вирчето со нечиста вода. Тогаш, биолошката мајка, наместо да го смири, го испретепа. А овде, Василка – ВИСТИНСКАТА мајка, реагираше секавично. Со огромна брзина го отплетка девојченцето и тоа веднаш се смири.

Кога ќе се спомене дека некој негувал ретардирани деца, сите велиме дека е тоа хумана работа. И јас реков така кога разбрав дека Василка се занимавала со тоа.

Од она што го видов и онака како што го видов, зборот хумано е премалечок. Не можам да најдам збор што ќе може да го одрази восхитот и начинот на кој го доживеав тоа. Силно се разбрануваа моите емоции. Одеднаш, како да ми се врати вербата во луѓето, која што веќе сум ја подзагубил.

Едноставно – БРАВО ВАСИЛКЕ! Мојата длабока и најдлабока почит. Одамна не сум се почувствувал вака!

Не е тешко да се роди дете. Тешко е да се направи човек од него!

 

Благоја Ивчески 

Loading