СО ЧАДОР ЗА СЕНКА В ПАРК

Тетки седнале да здивнат и помуабетат на една од клупите в центар. Сонцето стега, но од жештината никако да побегнат. Ако порано постарите знаеја да речат, на сонце да не се отвора чадор, зашто може да заврне, последниве години не важи таа поговорка. Посебно што има места каде се изретчија старите дрвја, та нема сенка каде човек да се потзаскрие и заштити од сончевите зраци. Пониските декоративни дрвца во паркот се во тревните површини, каде нема клупи за одмор под сенка. Полека се садат нови, покрај тротоарот кои додека се извишат и разгранат, ќе мора да се штитат прилепчани со чадори.

Не се блиску до клупите, кои или ќе мора да се преместат или да се насади по некое дрвце над постоечките клупи. Поинаку, тетките ќе подгледнуваат кон небото да видат дали сонцето се затскрило зад некое облаче, да го затворат чадорот, да ја одморат раката, која се здрвува при подолго држењена рачката, иако е лесен. Марфи вели: “Лесните работи се потешки”… Мора да се мисли и на практични и потребни работи, корисни за секој.

Loading