“ПОСЛЕДНА” КОЦКА ВО МУЗИЧКАТА КАЛДРМА

Будноста на помнењето мора да се сфати како дослух со времето што содржи свест за процесниот принцип: “Она утре е ова денес од вчера”. Континуитетот на традицијата во развојот на музичката уметност и нејзиното влијание врз општата култура на живеење е создавање на трајни вредности во животот на индивидуата и заедницата. Можеби грубо, но изминативе девет седмици, се обидов да направам еден впечатлив пресек на вредностите кои го обележале нашиов град во една благородна смисла, давајќи му не само дослух, туку и опстој на времето кое неповратно ги рони калдрмата по која чекореле и чекорат генерации. Идејата е да произлези книшка, која ќе наликува на бележник, а тој ќе има безвременска цел – да ги памети и да ги потврди обидите на сите кои имаат поставено барем една коцка во прилепската калдрма.

Калдрмата одекнувала, златните лисја се нижеле со песна, маалските седенки почнувале и завршувале со песна. Чудесните кутии – радио приемниците, биле популарни. Се ставале на прозорците со гласна јачина на тонот да слушнат и соседите. И Радио Прилеп пеел, но Радио Луксембург на многумина им го променил животот и тоа пред винилот да го почуствуваат под сопствените прсти. А кога стигнал првиот грамофон и плоча се случила и првата игранка. И не било се така брзо. На песната на изворниот фолклор полека му се спротиставила новата музика, која светот ја создавал и ја навлекувал ширум своите меридијани. Така потајно, скришно почнала да се слуша музиката чии зборови речиси никој и не ги разбирал додека “прилепските бунтовници” не ги научиле и почнале да ги потсвирнуваа, да ги потпевнуваа, а со време и верно да ги репродуцираат. Како и во големиот бел свет, така и во Прилеп почнала да се случува музика. Музика која го променила духот на градот. Музика која ја втемелила иднината во која се создава и твори без да се заборави. И денес, приказната е речиси иста, само некои нови генерации ја раскажуваат, обликуваат, пеат и свират на свој начин.

Микрофонот на Блага Котеска

Прилепската музичка калдрма, барем во ова издание, ќе ја заокружиме со белегот на дел прилепски музичари кои ја носеле со себе забавната музика. Не биле ни малку, ни биле безначајни. Нивните силни амбиции се за почит, а се раскажуваат и ден денес. Интересно за размисла и анализа е и присуството на жените од шеесеттите години на прилепската музичката сцена?! Само можеме да претпоставиме колку тешко било да се разбијат предрасудите и колкава храброст требало да се реализира сопствениот сон. Една од првите храбри прилепчанки кои застанала пред микрофон и зачекорила во музичките води била Блага Котеска. Со свои петнаесет години во придружба на забавниот оркестар при КУД “Мирче Ацев”, се осмелила да ги отпее тогаш најпопуларните рефрени. Нејзиниот талент бил неоспорен. Најпрво пеела по сите градски приредби, а во 1963 година се пријавила на радиските аудиции на ревискиот оркестар на Радио Скопје и станала негов член. Александар Џамбазов, диригент на оркестарот зел под закрила, проценувајќи ги вокалните способности. Блага Котеска, снима песна која е вртена по сите радио станици, а станува и победник на тогаш многу популарната радио емисија “Микрофонот е ваш”, која тогаш била она што денес е популарниот “Музички идол”. Својата куса, но значајна кариера ја завршува во 1966 година, снимајќи плоча на забавна музика за продукцијата на Радио Скопје.

Легендата – Руското

Во Прилеп, во далечната 1962 година била формирана првата група во земјава која во својот состав имала и дувачки инструменти?! Мирко Ѓорѓиоски – Јумпур – хармоника, Борис Богески – Бората – кларинет и саксофон, Кире Трубачо – труба, Џепето – тапани и Панче Патоски – Патата – контрабас. Биле многу популарни пет години. Свиреле исклучиво забавна музика, а во одреден период вокал им била и Блага Петреска. Една од најреномираните групи во седумдесетите години е групата “Руското”. Благоја Челоски – Руското – гитара и вокал, Мирко Мојсоски – труба, Павле Костоски – Павката – саксофон и кларинет, Мирко Ѓорѓиоски – хармоника, Кирил Ангелески – Пузано – бас гитара и Миле Мирчески – ‘Цмба – тапани. Со широк репертоар на забавни македонски и странски мелодии и специфични мексикански рефрени, биле своевидна атракција. Свиреле во сите градови, на безброј значајни манифестации. Станеле заштитен знак на градот цели четири години на музичката манифестација “Весел караван”, организирана од МРТВ. Таа била своевидна потрага по музички таленти. Настапите и игранките биле масовно посетувани. Особен придонес и цели 32 години “гитарски” стаж остава Благоја Челоски – Руското. Единствена прилепска музичка легенда во чии раце секоја гитара едноставно сама свирела. Најубавото споредно нешто на светот – музиката и нејзините пропагатели во Прилеп заслужуваат свој паметник. Заради носталгијата, заради традицијата и заради новото време. И некогаш и денес музиката ни дава идентитет, не прави различни и не обединува.

(крај)

Наташа Мирческа

Loading