МАКЕДОНСКИОТ ЧАПАЕВ

Илија Игески – Цветан, народен херој, (1920 – 1944)

 

Годинава се одбележуваат 90 години од раѓањето и 66 години од херојската смрт на народниот херој Илија Игески – Цветан, македонскиот Чапаев, како што обично го нарекувале неговите соборци, по името на големиот руски борец Василиј Иванович – Чапаев (1887-1919), херојот на Октомвриската револуција, легендарниот полководец и командир во Црвената Армија. Тој бил омилена личност кај борците од ослободителната борба. Со херојското однесување бил пример на бестрашен борец, кој влегувал во многубројните борби со фашистичкиот окупатор, за што е и прогласен за народен херој. Роден е во јули 1920 г. во село Топлица. Фамилијата се преселила во Прилеп во 1923 година. Основно училиште завршил во Прилеп, а потоа ги изучувал опинчарскиот и фурнаџискиот занает. Пред војната, учествувал во повеќе штрајкови и демонстрации против српскиот режим. Учесник бил на познатите Илинденски демонстации во 1940 година. Во 1939 година станал член на СКОЈ а, наредната година и член на Комунистичката партија.

Тој е еден од седумте први прилепски партизани од 12 септември 1941 година. Покрај него во групата на месноста Бидимаш на Селечка биле, Трајко Бошкоски – Тарцан – Илинденски, Борка Велески – Левата – Горанов, Лазо Филипоски – Лавски, Јоска Јорданоски – Сандански, Ѓоре Велкоски – Стрелката – Косте и Киро Крстески – Платник – Кирката.

Илија е борец во Првиот прилепски партизански одред “Гоце Делчев”. Во вооруженото востание, бил во групата за напад на полициската станица. После, заедно со Ѓоре Велкоски илегално дејствувале во Преспа, како шнајдери. На новата лажна лична карта му пишувало дека е Петре Николов Јанков од Струга.

Подоцна бил член на битолско – преспанскиот партизански одред “Даме Груев”. Во 1943 година станал курир на ЦК на КПМ и ГШ на НОВ и ПОМ. Поставен е за командир на чета, а потоа заменик командант и командант на баталјонот “Мирче Ацев”. Првата борба под негова команда ја водел во селото Чемерско – Тиквешко. Учествувал во повеќе борби, Царевиќ, Смилево, Извор, Кленовец, Ботун, Фуштани, Тушин, Граешница, Витолиште, Локвица и многу други.

На 2 август 1944 година е поставен за заменик командант на Методија Попоски – Мајка, на новоформираната Петта македонска ударна бригада, позната како Прилепска. Илија Игески – Цветан загинал на 28 август 1944 година, во борба со бугарската окупаторска војска во село Здуње, Македонски Брод. Покрај него, животот го загубиле Александар Тоде Ношпалоски – Цандар, русинот Васја, Илија Рампов Василески -Тиндилот, Љубе Стерјоски, Љупчо Киров Марулец и Тоде Јовчески .

За Народен херој е прогласен на втори август 1952 година.

Неговиот соборец, неодамна починатиот Љубен Георгиевски – Љупта, пишува дека ја обиколил речиси цела Македонија, борејќи се во разни единици. Го красела скромност, несебичност и едноставност. Бил посебно, чудно храбар човек. Мирен како бубачка додека не слушнел куршум. После секој нерв му се движел.

Постојат спомен – бисти, спомен – плочи и споменици каде е врежано името на народниот херој Илија Игески – Цветан. Неговото име, заедно со над 400 борци од Прилеп кои ги дале своите животи стои на мермерните плочи во криптата на Могилата на Непобедените во Паркот на Револуцијата.

Спомен-биста на Илија Игески-Цветан има во Алејата на народните херои. Постои и спомен-плоча на ул. “Цане Илиоски” бр.67, а спомен – плоча има и на куќата каде живеело неговото семејство, на ул. “Борка Талески” бр.137. Го им и на спомен – обележјето во МЗ Рид, на раскрсницата помеѓу улиците “Борка Талески” и “Борка Медарот”, како и на обележјето во селото Здуње.

Во Прилеп, во 1966 година е основано средното текстилно и рударско училиште со неговото име, до 1983 година, кога се интегрира со средното училиште “Трајко Бошкоски – Тарцан” во училишен центар за производни занимања “25 Мај”, сега средно општинско училиште “Ѓорче Петров”.

Но, колку и да е напишано или на некаков начин одбележано неговото дело сепак недоволно е направено за овој голем херој. Се надевам дека разни форми ќе се потсетува на него за запознавање на идните генерации со подвизите на хероите од Прилеп и Република Македонија кои не жалејќи го својот живот се бореле за нашата и слободата.

 

Рубин Белчески 

историчар 

Loading