УНИВЕРЗАЛНА – РАКОМЕТЕН ХРАМ

Ракомет: Мажите прават место за девојките

Машкиот суперлигаш Златен даб петти ден тренира во Универзална, а наскоро се најавува уште еден тим во објектот – женскиот на Жито Прилеп. “Пиварите” ги прифаќаат девојките, кои претходните три години беа во “Македонија”. Доаѓањето на ракометарките е од полза. Тие се финансиски стабилен клуб. Лесно ќе најдеме заеднички јазик за тренинзи и натпревари. Двата клуба полесно ќе го одржуваме објектот, а подобро е и за публиката која беше поделена. Од РФМ ќе побараме да дозволат термини – како домаќини да играме наизменично во саботите навечер, редовно во 18 и 30 часот. Така љубителите на овој спорт ќе гледеат мечеви секој викенд, а Универзална ќе биде средиште, храм на ракометот – вели Панче Дамески, претседател на Златен даб. Во очекување на девојките, Златен даб одработува десетти ден од подготовките, петти во затворен простор. Поради штрајкот за неисплатени плати тренинзите доцнеа две недели, но со скусена програма се надополнува загубеното.

Управата настојува да ја подобри финансиската состојба. Тешко е не само кај нас. И Вардар се мачи. Пиварницата ќе ја замолиме да остане генерален спонзор, да не нé остава. Очекуваме разбирање. Помалите спонзори се тука, а и од Скопје е ветена помош. План се повеќе пари од лани. Ќе направиме сé да продолжи традицијата. Полесно е оваа сезона, оти нема отпаѓање. Бевме готови и со младинци да настапуваме, но добро што првотимците ја сфатија ситуацијата и тргнаа со тренинзи. Ако се натпреваруваме, има можност да ги земат платите, а ако се откажат, никој нема да спонзорира – порачува Дамески. И покрај тешкотиите, не се откажуваат од поголеми амбиции. Се споменува висок пласман, дури и борба за излез во Европа. Првото коло, на 11 септември, е гостувањето кај Борец во Велес.

В четврток со Гркинки

Грчкиот шампион во женски ракомет, Патрас, в четврток, 20,30 часот, гостува на Жито Прилеп, во сала “Македонија”, на пријателски меч. Тоа е генерална проба, два дена пред првенствениот дуел дома со Ѓ. Петров. Претходно контроли се предвидени со Металург и ФОН. Првата со Кичево беше добиена со 42-23, а втората со Гевгелија 37 – 25.

Loading