ТЕСНА СОРАБОТКА СО МЕТАЛУРГ

Фудбал: 11 Октомври шири контакти со прволигаши

На второлигашот 11 Октомври не му оди на терен, освои само два од девет првенствени бода, но управата продолжува по своја агенда. Секојдневно се контактира со други клубови, а особено важни се односите со најмоќните, прволигашите. Воспоставивме одлична соработка со Металург. Од овој клуб се можни засилувања во текот на првенството – вели Сашо Иваноски, претседател на 11 Октомври. Претходно дојде Владимир Мојсовски (27), напаѓач на прволигашот ФК Скопје. Тој е добредојден токму сега, кога на тимот не му оди, посебно во реализацијата на шансите, а искусниот шпиц Драган Димитровски има црвен картон. Мојсовски се покажа како голгетер во ФК Скопје. Убедени сме дека ќе продолжи со добри игри. Има право да настапи в недела на гости кај Локомотива во Скопје – најавува Иваноски. За 11 Октомври е штета што 270 првенствени минути нема постигнато гол, така што уште еднаш над три илјади гледачи ги остави ”гладни” на дербито со Беласица (0-0). И покрај доминацијата, впечатокот е лош, завршницата очајна. Топката или се упатува непрецизно или во претерани соло пробиви, се губи време и заглавува далеку од голот. Единствена чиста десетка засега е публиката. Благодарни сме на навивачите, нашата гордост. Сé ќе направиме да се вратиме брзо на прволигашки колосек – порачува Сашо Иваноски.

Loading