СÉ ОД СЕБЕ ДА СТАСАШ

Прилепска музичка калдрма

Времињата се менуваат – вредностите остануваат. Ако 20 век го одбележуваше идејата дека уметноста сама по себе ги прави луѓето морално подобри и ги принудува на одреден начин богатите да вложуваат пари за промовирање и унапредување на квалитетните врдности, векот кој го живееме го прави истото. И тогаш, и сега, авангардата е за поединецот, индивидуата како најсилен глас кој не доаѓа ни од лево, ни од десно. Уметноста како производ на човечката индивидуалност е сведена на соодветна форма преку која преокупацијата на поединецот со сите свои карактеристики и различности, се наметнува на аморфната маса. И некогаш и сега, рокенролот на многумина им даде шанса да бидат различни од другите без да ги раскинуваат тесните врски со широката маса од која и самите потекнале и во чии параметри функционираат. Ако до појавата на Боб Дилан, примарната функција на рок текстовите била едноставно пренесување на чувствата и расположението, десетите години во новиот технолошки 21 век, пораките кои ги носат и пеат новите генерации, само ја потврдуваат свесноста и интелектуалноста преку кои рокот се шири, опстојува и создава нови форми. Веројатно како што требаше декади време да се сфати сензибилитетот на пораките кои почнаа да го менуваат светот, ќе треба доволно време да се сфатат и новите пораки кои ја носат идејата на ова време.

Ако овој поширок контекст го сведеме на локални рамки во актуелново глобално село, во Македонија, во Прилеп и денес рок идејата е субверзивна. Не затоа што и натаму на прв поглед заговара секс, дрога и пресметка со авторитетите, туку затоа што директно го охрабрува размислувањето со сопствена глава, надвор од идеолошките и религиозните репери, а тоа само по себе ги загрозува актуелните општествени прилики.

Трета Димензија

Даниел Павлоски – вокал, Дарко Ристески – гитара и Душко Темелкоски – клавијатури, го сочинуваат бендот кој, како своевиден прилепски музички бренд, зазема значајно место на македонска музичка сцена. Успешноста ја потврдија , зашто “дотуркаа” до вицешампионски настап на Изборот за песна на евровизија во 2009 и 2010 со хитовите “Исто што и ти” и “Болест зараза.” Првата е снимена во студиото на Христијан Габроски, музиката и текстот се на Душко Темелкоски, а аранжманот е од Дарко Тасев. Вториот хит е на текст од Дарко Ристески, аранжман на Рубин Димковски. Снимката е направена во студиото на Славчо Ристески. Деновиве беше промовиран и спотот. Економските прилики не дозволуваат авторскиот напор да го стават на ЦД. Успеваат континуирано да објавуваат промотивни сингл аудио записи и ја добиваат медиумската наклонетост. Не е нескромно да се каже дека песните “Ноќва остани”, “Дај ми да заспијам”, “Почеток” и “евровизиските” теми, имаат одлична слушаност. Создаваат своја музика, свират низ земјава и ги има и на фестивалите. Учествувале на “Ѕвездена ноќ”, “Охридски трубадури”, “Фешта”… “Трета димензија” е ретките прилепска групи, која успеаа да најде место на македонската музичка сцена. Со носат со намера да го одржат и развиваат музичкиот потенцијал. Некогаш со добри рок звуци, некогаш во поблага поп варијанта, но секогаш на ниво на задачата – во име на музиката.

THE HOUNDS

Овој обид, да направиме селектиран пресек на музичките групи кои од шеесеттите години па до денес, творат во нашиов град, го афирмираат и се обидуваат својата индивидуалност и авангардност, на различни начини и во ралзични временски периоди, да ја наметнат како силен глас, кој ќе одекне во средината и ќе ја промени на подобро, го заокружуваме со “најмладите” THE HOUNDS. Минатата недела славеа година од професионалното музицирање. Препознатливи се тапанарот!? Музиката им е професионална ориентација и професија. Во групата се Златко Карчески – вокал и бас, Илија Мирчески -тапани, Јане Петкоски – гитара и Крсте Карчески – гитара. За себе велат дека се гранч – поп – рок група. Музичка визија им е новата варијанта на рок музиката со алтернативен пристап. Актуелниот ковер бенд свири и шират позитивната енергија на новата генерација. Се гледаат во професионалните музички збиднувања на едно повисоко ниво, но не брзаат. Планираат кариерата да ја градат чекор по чекор. Убедени се дека квалитетот ќе им донесе резултати. “Распродадени се” однапред за клубските свирки, а заштитен знак им се соло “испадите” на сите членови на групата. THE HOUNDS се носители на новата генерција прилепски музичари кои имаат рокерски сензибилитет и потреба да го кажат што мислат. Иако најпрестижните музички продукции, се живо заинтересирани да ги земат под своја закрила, засега се задоволни од позицијата и мудро тактизираат.

Пред момчињата стои блескава иднина. Оптимизмот се должи на ставот “давај се од себе и ќе стигнеш кај што треба”. Заложба им е секогаш да се квалитетни. Првата авторска песна “Празен свет” во аранжман на Лазар Цветановски наиде на одличен прием. Песната се врти по националните радио станици, ги има на топ листите. Есенва ќе го промовираат и видеото, снимено во Битола со продукција и режија на Александар Јански (познат по спотовите на Каролина Гочева, Ареа, Паркети и други врвни македонски музички имиња). Подготвувајќи ја следната песна, интензивно се работа за традиционалната Државна гитаријада од 10-12 септември во Миравци, Гевгелија. Тие ќе се носители на најзначајната рок манифестации во земјава.

(продолжува)

Наташа Мирческа

Loading