ГЕШО НА СВОЕТО МЕСТО ПО ДВЕ ГОДИНИ

Фудбал: 11 Октомври со сите сили на три бода

Второлигашот 11 Октомври в недела (17 ч.) дома ја чека Беласица, во 3. коло. После киксот од Миравци (0-2), следеше подобрување со реми на Цементарница (0-0). Логичен е триумф. Се игра за голови, а досега ниеден не е постигнат. Надеж е во напаѓачкиот тандем, Драган Димитровски – Благоја Гешоски. Димитровски играше на пријателските, но многу полесно ќе му биде, да не се чувствува осамен во напад, со Гешо. “Нашиот Крауч” по две години е на своето место во прилепски тим, откако играше во кумановски Милано, скопски Металург и Грција. Да покаже само дел од квалитетите, нема кој да го задржи. Сега е поискусен, на 29 години, во зенитот, Гешо е кандидат за голгетер во лигата. Задутре е дербито со аспирантот за врвот. Искусниот стратег Николче Здравески, покрај Гешоски, во тимот го придодаде Новче Ацески како полушпиц. Младите Филип Спиркоски во е во одбраната, а Владимир Петрески во средината. Гледачите очекуваат моќен 11 Октомври, со гранитна одбрана предводена од Данилов и Ф. Мирчески, креација на Кулески, асистенции на Рутевски, завршница со шпицовите, а пред се од сите – дисциплина и борбеност.

Покупот победата над Скопје (2-1), постои голем интерес за неделниот дуел, слично како со Миравци, кога дојдоа близу 3000 гледачи. Навивачите простуваат се, ако тргне на подобро. Веруваат дека овој тим може да го одработи проектот “Прва лига”.

В недела влезот на стадионот “Гоце Делчев” ќе биде слободен

Младинците в понеделник

Стартуваат младинските категории. Вниманието е кон ФК 11 Октомври. Во првото коло, ривали на младинците и кадетите се врсниците од скопски Вардар. Натпреварите се в понеделник на Градски, од 14 и 16 часот.

Жал за Чачоро

Го нема веќе Трајче Бошкоски – Чачоро, легендарниот фудбалер на Победа од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век. Умре на 74 години. Веста е болно примена кај навивачите. Драги Башески, спортскиот новинар, се сеќава.

– Здрав, енергичен и храбар. Во педесеттите беше голобрадо момче во нападот, но не беше најуспешен. Местото го најде во одбраната, каде беше непреоден. Топката можеше да мине, играчот никако. Не дозволуваше кикс, не беше плашлив ниту дома, ни на гости. Даваше максумум како на тренинг, така на првенствен и пријателски меч. По грубиот старт врз него во Битола, играше со скршеница цело полувреме и по мала пауза, за чудо на сите – продолжи со кариерата. Мал по раст, во нозете со сила од динамит, имаше ум што брзо размислува. Меѓу најдобрите бекови е во историјата на Прилеп – вели Башески.

Loading