КУЛТУРАТА КАКО “УРА – КУЛТ”

Од косо видено

 

Чекорејќи по патеката на славните, сограѓанин неславно мрмори: “Во последно време слабо се летува, но секој град си има свое културно лето.” Јадосаност на душата од неможноста да се слави митот на летниот туризам. Го измисли работно-забревтаниот запад. Календарската година ја врами во 11 месеци работа и еден месец летно задоволство. Означено со “пробив на југ во потрага по сонце, море, песок и љубовни авантури.”

Наспроти тоа, нашето заитано “јавање” кон запад не “заседла” во наопачност. Повеќмина, годината ја обезвременуваат со 11 месеци неработа и еден месец летно незадоволство. Во него со исплачување во кадата, секој може да си создаде моренце . И солзите се солени, а када или море, според Ајнштан, е релативно. Течат толку повеќе колку побрзо се распознава надоместливоста на културните лета – иако вработеноста не е решена, културата ни е убава. Значи, и културата се наопачила во “ура-култ”! Вообичаено, кога култот на личноста е единствената култура на безличните.

За оние “личните” културата е нешто повеќе од уметноста. Се што животот создава заради живот – тоа е култура. За мнозинството луѓе достапност до образованието, работата, па и летувањето. Уметноста, како дел од културата, служи за продуховување на психичкиот живот од луѓето. Тие, за уметноста да не биде цел за себе, мора да бидат нејзин активен содржател. Ненаопачни определби со кои нема слабо да се летува, а културните лета ќе станат средство за облагородување на луѓето и општеството. За почетно превртување на “ура – култ” од глава на нозе со леснотија, навраќаме на поедини уметнички манифестации од Прилепското културно лето. Толку лесно што на ликовните изложби да не се мисли дека акварелот е затруена вода што треба да се стави во тенџере и да се свари.

Филмот, како најмлада уметност, проектира и парадокси од секојдневието. Секој кој почнува да го премотува филмот од минатото останува без план за нови сценарија. Тогаш сонувањето во боја го живее во црно бела техника. Гледа летно кино на Паркот на револуцијата и му се чини дека многумина седат на туѓи места. Го мачи тажната помисла дека лоши глумци и глумици играле главни улоги во неговиот живот. Во туѓите животи тие би биле само епизодисти.

И без присуство на театарските претстави од Прилепското културно лето, за повеќето сограѓани литературното живеење е во експанзија. Особено онаа славна Шекспирова реченица “Да се биде или не…” Но, редовно одат во театар. Ги утешува тоа што театарот ги изедначува луѓето. Тоа е единственото место на светот каде сиромашните можат одозгора да гледаат на богатите. Најмногу ги имаше на претставата “Ај, не ми шетај гола”. Во време кога модата е поважна од човекот, тие заговараат нов вид нудизам – голотија на душите.

Се чини, повеќе од голотијата се шири глувотија – ретко кој си ја слуша совеста. Дури и онаа колективната. Станавме универзални фолклористи, па цупкаме на сечија свирка. Фатени рамо за рамо се обидуваме да го одиграме “тешкото”. Тешко. Животот ни е песна, но премногу таговна. Па, на оние кои пеат и зло не мислат – никој од нас не им аплаудира. Ним им паднало лајчето во медот, па си пеат. Нам многу ни се мисли, па не ни е до песна. Интонација што сведочи дека ова е вистинско време за манифестациите од типот “Во слава на музиката.” Музиката ја мие прашината од секојдневието. Маѓија е што ги смирува сите болки на душата. Таа и не обединува во сите сфери од животот. Па, и контракултурно против “ ура – култ”.

 

Марјан Спиркоски  

Loading