Од косо видено
Да не беше оној цезар Август, името на овој месец немаше да се поврзува со епитетот “глупав”. Ниту, пак, ќе не опаметуваа глупави дилеми, како следнава: “Што прилепчанецот, прави кога со превртените џебови, во лето, не може да го преврти светот?” Генетски, како Македонец, се инаети и неглупаво, како свој на своето, се мајтапи.Кому? Како?
Според психолозите, со туризмот луѓето искажуваат и незадоволство од животот во своето окружение. За нас тоа е занемарливо. Нé одржува уште инаетот. Прилепчнецот и кога би патувал, знае од што бега, но не знае што да бара. За инает на себе и на психолозите, е турист во сопствениот “двор”. А “дворот” му е многу голем. Од нивата со тутун, дури до езерото, со чија вода ги полева тутунот и својата катран мака. Па, ако наслушне дека водата е загадена, одма, ептен туристички, со велосипед, ита на “двобој”, како Гари Купер, со загадувачите.
Се засилува од нивата, но “страда” воздухот во гумите со многу лепенки. Ги припумпува, потпирајќи го велосипедот на споменикот од Александар Македонски. Наведнат, од косо го гледа, и право му ја мисли:
“Ти, Цане, секоја чест, создаде голема империја. И патем, како за мајтап, со мечот го разврза Гордиевиот јазол. Ќе нé признаеш ли за внуци, иако никако да го одврземе транзициското јазолче?”.
Прашањето му ја цеди последната капка пот. Не чека одговор и брза да се разлади на чешмата на која “седнал” Итар Пејо. Со навалена глава и тој многу му ја мисли:
“Овие политички ороводци го запавтале она Мојсиево спасување на израелскиот народ. Веќе 20 години ја водат Македонија во ветената земја, преполна “мед и млеко”. Но, ниту капки мед и млеко. Само трошки леб. Ме имитираат, ветената волна била само магла. Како маглосејачи маки мачат да ме надмаглосаат. Леле, оф леле”.
И иронично се смешка.
“Има надеж, не е толку лошо” – се куражи велосипедистот и одлучно го цапнува педалот по угорнината до Прилепското Езеро.
Најпосле, воздишка. Езерото не е загадено. Нема матна вода да ја удави совеста и успеа. Се бапна во водата. Плива “немозочно”, сигурен дека празните глави секогаш испливуваат на површината од животното езеро. Се обидува да плива и со држење за надежта во ветената земја. Но потона и сркна од водата. Да не се удави, рибарите му ја напумпаа надежта во ветената земја:
Невкусувајќи мед и млеко, се соблекоа илузиите. Останавме сосема голи. За лукавиот, ништо страшно, дури и надежно. Тој, како, ѓавол мести секакви мамки на јадица да ги лови луѓето. Според мудриот урнек, сите земјоделско-сточарски соголени села и фабричко-индустриски соголени градови би се преструктуирале во нудистички населби. Со уште посоголена пропаганда, ќе се намамат странските туристи кои сé би дале да се сончаат голи. Секако, и сите белосветски мисионери, бесрамно од својата политичко – морална голотија. Со нудистичкиот туризам, наместо напорните политичко-економски реформи, меѓународната заедница мазно-голо ќе ни овозможи, најпосле, да цапнеме боси на ветената земја.
Ќевлија од чуеното и освежен од чистата езерска вода, велосипедистот се тркала по удолницата кон својата нива. На бандажи, некој му ги украл “цицките” од гумите. Без пречка воскликнува:
“Сограѓани! Не одете никаде од Прилеп, ако морате да му се вратите. И уште, ако повеќе ќе се радувате при враќањето, како јас, одколку при заминувањето.”
.
Марјан Спиркоски