ДОБРИОТ ЧОВЕК Е ТАЖЕН И СРЕЌЕН СО БЛУЗ

Прилепска музичка калдрма

          Се обидувам да се спротивставам на потребата да коментирам на она што како појава, тренд, комерцијализација па и во крајна линија, апсурд се случува денес на музичката сцена. Тоа денес би требало да се однесува на период од безмалку 20 години. Време кое го живееме и го перцепираме со целосното лудило на глобализацијата, која и покрај сета своја доблест, наведува сопствените критериуми да ги потиснеме до граница на бездната. Равенките не важат. Во игра е чиста математика. Ако на упорните момчиња во шеесеттите години им недостасуваа безброј помагала да го остварат сонот и “на мускули” да ја доживеат сопствената рок-револуција, на денешните им недостасуваат само пари?! Проблемот е ист, времињата многу променети, а некаде помеѓу во просторот и времето изгубени се концептите.

Медуза и Радио Прилеп

          Прилеп се промени последниве 20 години многу. Своите падови и подеми ги вообличи во препознатлива средина која жедно се стреми да прерасне во модерна урбана заедница. Исто како и во 1980 година, Прилеп има една дискотека. Некогаш престижната “Медуза” беше претесна да ги прими на уживање и танцување на изборот музика. Кафеани има доволно, но кафулињата се на секој чекор. Во духот на ова ново време и генерациите кои го менуваат времето и му даваат сопствен белег. Дискотеките и кафетериите сега речиси се единствени места да се допре до публиката за промоција на сопствениот труд. Од 80 – ите години до крајот на 90 – ите голема улога во презентирањето, промовирањето па и одредена музичка едукација на локалната јавност имаше Радио Прилеп. Отворајќи ја програмата, понуди квалитетен избор музика и остварување аудио записи. И првите музички емисии. “Нотен ге-интеграл” (1985), музичка емисија која ја уредуваше и водеше Марјан Спиркоски – Манако во препознатилив рок стил. “Ју рок момент” (1985) на Пеце Момироски, со актуелни југословенски рок збиднувања. Две години подоцна ја реализираа Наташа Мирческа и Љупчо Христоски – Гагето, поставувајќи ја на страниците на “Народен глас”. Со тоа í дадоа национален тренд, вметнувајќи ја македонската рок музика како носител на музичките вредности, а прилепските бендови беа промовирани и актуелизирани. Беше добро додека како печурки после дожд не почнаа да “никнуваат” приватните радиостаници, уништувајќи ги поставените норми за квалитет. Безмилосно се замени квалитетот со профитот. Декларирајќи се за “производ за народните маси” влијаеа слушателите да го загубат вкусот и рационалното вреднување на сите кои се обидуваа да создаваат и репродуцираат вистинска музика. Се надоврза и социјално-економската состојба и општествените прилики кои невешто зачекорија во процесот на демократизација. Под превезот на слобода на изразот, секој пееше својата песна, а никој не знаеше што слуша.

          Crossroad blues band

          Исправени пред крстосницата на новото време што надојдуваше, а длабоко во себе носејќи го поривот да се создава и интерпретира музика со квалитетни вредности, во време на невреме во музичка смисла, Crossroad blues band е едниствената прилепска музичка група која застана “спроти ветерот”. Тие се музичката формација која за платформа го избра блузот и со сизифоска упорност успеа да опстојат. Бендот се собира на иницијатива на Александар Дворчанец – Сале (вокал и усна хармоника) и Бранко Нешкоски (гитара).

Раскажувајќи ја својата приказна велат:

          – И покрај формирањето на групата во деведесеттите, кога рокот настаните се далечни, приказната на Crossroad blues band не е ништо поразлична од 60-ите или 70-тите години. Придонес е фактот што сме од Прилеп, каде сé се одвива бавно, и покрај општата глобализација. Првиот импровизиран настап се случи во клубот “Занзибар”. Многубројна публика нé дочека со овации. Ја отсвиривме првата блуз жива свирка во градов – велат членовите на бендот.

          Crossroad blues band станува своевидна локална атракција не само заради стилот, туку и поради големиот број на музичари на сцена и повеќеслојниот звук. После настапуваа низ цела Македонија. На почетокот на 2000 година го снимија првиот сигл “Каде е крајот”, кој е всушност римејк на музика од Бади Гај, односно Том Хајат, со текст на Александар Дворчанец. Првенчето допре до ушите на ултра популарниот музички новинар и радиоводител на Македонското радио, Драган Б. Костиќ, кој со својата поддршка, позитивната критика и отстапеното време во музичките емисии овозможи национален слушателски третман, Позначајно ешто тие добија термин во студијата на МРТВ и го снимија првиот албум со наслов “Тутун блуз”.

          – Ретките, емисари сме на блузот во Македонија. Се обидуваме да го доближиме до широките маси, да го слушнат, да го разберат и да ја почувствуваат близината. Се вели дека блуз е музиката на добриот човек кога е тажен, но блуз е и кога нашиот човек е среќен! Темите во нумерите се од социјална природа. Вистински приказни од животот на обичниот човек. По снимањето на албумот, бендот доби понуда за “Blues&Soul” фестивалот (2001). Настапи забележително и доби признание од светската блуз елита. Групата доби значајна поддршка од македонскиот блуз гуру Васја Иваноски, со кого се соработува и денес. Се редеа настапи по клубови и фестивали, но се доживеа и меѓународна промоција. во Софија (Бугарија) на “Rock&Blues” концерт. Им “одржавме лекција” на најреномираните бугарски музичари. Две години подоцна сме единствени македонски претставници на реномираниот музички фестивал во Габрово. Живите свирки се носечкиот начин за промоција на музика. Материјалот за уште еден албум редовно се надополнува со нови песни. Финансиската немоќ го спречува излезот со комплетен аудио производ на македонскиот пазар – вели Сале.

          Тие ги снимаат нумерите на промотивни цедиња, наменети за медиумите. Се обидуваат да се држат во епицентарот , до сите кои ја преферираат нивната музика.

          Многу вљубеници во рок-блузот “минале” низ Crossroad blues band. Oд 1999 година, до денес составот го сочинуваат, Александар Дворчанец – Сале – вокал и усна хармоника, Бранко Нешкоски – Бане, гитара, Кирил Гаралоски – бас, Зоран Настески – тапани, Давид Нешкоски – гитара, Жаклина Б. Нешкоска, придружен вокал.

         Во претходниот број ненамерно е пропуштено дека во првата постава на групата “Бен Хур” испуштено беше името на басистот Тоде Илиески.

Наташа Мирческа

Loading