ФЛОРИДА ВЕТЕНА НА ЖИТО ПРИЛЕП

Ракомет: Девојките готват подвиг

            Женскиот ракометен суперлигаш Жито Прилеп со доведување седум нови најави атак на високо место од табелата. Амбиција е погоре од ланското четврто, а во клубот се погласно се зборува за трофеј. За освоена титула екстра наградата е пат до Флорида, САД, каде живее и работи спонзорот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски. Џорџ нé мотивира дека ќе не награди со екскурзија на Флорида за прво место. Не е неостварливо, иако шампинот Металург е фаворит. Имаме адути, не се даваме лесно. Се закануваме да му се приближиме до врвот. Спонзорот е задоволен – вели Жане Дисоска, тренерот. Во клубот буквално ништо не недостасува. На располагање е хотел ”Сонце Г. А.” и Спортскиот центар ”Маркови кули”. Се работи на физичка издржливост двапати дневно. Од понеделник е преселбата во сала ”Македонија”. Одиме по зацртана стратегија. Сé што барав е прифатено. Мене и на ракометарките ни останува да возвратиме со резултати – истакнува Дисоска.

            Врвот е задачата на 18 првотимки. Седум се од страна, исто толку нови. Одбрани се најквалитетни. Репрезентативниот голман Наумоска бранеше во странство, пивотот Серафимовска се калеше во шампионот Металург, Гичева после заздравувањето е меѓу најподготвените, крилото Папуџиева најискусна, истото важи за бекот Петковска. На тест се двете Молдавки.

            – Бекот Колонтиева е доста тренирана во сите школи. Мошне добра е со топка медицинка, висока, издржлива. Голманката Гушин се труди, но не можам да ја оценам пред да брани на натпревар. Имаме и три младинки Сталеска, Петлеска и Дурланова на кои сметаме наесен – заврши Дисоска.

            Планирани се шест до девет контроли. Неколку се меѓународни во Врњачка Бања, Србија. Се бараат силни ривали на тестовите за повисоки дострели во Супер лигата.

На 4 септември со Ѓ. Петров

            Првенството стартува на 4 септември, а Жито Прилеп дома е фаворит со некогашниот европски првак Ѓ. Петров. Во лигата скопски се уште Металург и Вардар, потоа Кале Кичево, ФОН Струга, Леов Велес и Гевгелија.

            Вториот настап во европскиот Челенџ куп е во февруари.

Loading