Во полн ек се истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука кај селото Славеј. Во петтата година откако се поддржани од повеќе европски институции, Центарот за истражување на предисторијата, Заводот и музеј и Институтот за старословенска култура, се проучува материјалната култура, архитектурата, стопанството, обредите и природната околина, карактеристични за неолитот, антиката и средниот век.
-Истражувањата се концентрирани на ритуалните форми својствени за средновековни погребувања, како и на подоцнежните архитектонски фази на неолитската населба. Веќе се регистрираа уникатни средновековни фунерарни контексти и специфични елементи на најдоцнежните неолитски градби. Се обработува археолошкиот материјал што овозможува темелен увид во животот на средновековното население и неолитските популации, активни на оваа тумба. Се земаат примероци за археоботанички, микроморфолошки, геолошки и радиокарбон анализи – велат од Центарот за истражување на предисторијата.
Така археолозите ќе добијат темелни податоци за различните етапи на функционирање на локалитетот. Податоците ќе бидат публикувани во македонски и светски научни списанија. Неодамна се објави труд во списанието Антиквити од Кембриџ. Сумирани се сознанијата од ланското археоботаничко проучување на археолошките контексти и органските остатоци од неолитските градби во Врбјанска Чука.