Концерт на ансамблот „Македонија“ во „… Цепенков“

На 8-ми октомври од 19.30 ч. во големата сала од ЦК “Марко Цепенков” концерт ќе одржи ансамблот “Македонија”, кој е репрезент на македонската традиционална култура на Музичката академија на Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип. Со насловот “Традицијата патува”, почува одбележувањето на празникот 11-ти Октомври. Ќе се изведат песни и ора од македонската фолклорна ризница. Ансамблот е единствен со ангажирани професионалци едуцирани на Академијата, а со кој раководи врвен стручен кадар поткована за традиционална игра, инструменти и пеење.

Репертоарот е категоризиран според орските и музичките стилски карактеристики, обработувајќи сценски адаптации од сите играорни подрачја во Македонија. Традиционалниот танц се презентира преку обредната и соборската традиција како Џамалари од Скопска Блатија, Божиќарќе од Гора, Машки обредни поворки за Водици од Мијаци, Мала Река, Лазарице од с. Луке, Лазарки од Дебар, Велигденски игри од Порече, Ѓурѓевен од Азот; Тешкото – Мијаци, Мала Река и др. Соборски содржини – Ораовички собор од Радовишко Поле и Радовишки Шоплук, Овче Поле, Нашето село од Скопска Црна Гора, Каршијак – Скопска Блатија, Чангулово- Малешевија, Шетнала се Јана -Пијанец, Пустец – Долна Преспа, Буките и Поседница – Воден/Меглен…

Обележје на орскиот и музичкиот репертоар се сценско-уметничките сегменти од традиционалната културата на Македонците и на останатите етноси во Македонија

Со веродостојно афирмирање на македонските традиционални вредности, се негуваат и се презентираат повеќе музички стилови  – традиционален оркестар од тапан, гајда, зурла, кавал, шупелка, сворче, двојанка, тамбура, ќемане, чалгиски оркестар од канон, ут, кларинет, виолина, дајре, тарабука, прим, плех оркестар од тапан с’с саан, грнета (кларинет), жута (труба), тарамблок (тарабука).

Изразно средство е и вокалниот елемент, без кој играта не може да опстане. Вокалниот репертоар истражува и се интерпретира низ неколку категории, негувајќи различни стилски карактеристики – традиционално едногласно, двогласно (бордунско) и трогласно (гртено) пеење, поделено според обредната или соборската практика, како од селската, така и од градската музичка традиција. Посебен сценско – естетски белег оставаат и оригиналните носиите со повеќе од 5000 облековни елементи и над 150 комплетни носии од различни етнички предели кои датираат од крајот на 19 век и почетокот на 20 век (Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Средорек, Жеглигово, Славиште, Пијанец, Малешево, Радовишко и Струмичко Поле, Костурско, Воден/Меглен, Леринска Река и Леринско Поле, Мала Река, Долна Река, Горни и Долни Полог, Азот, Прилепско и Битолско Поле и др. )

Младите сестрани уметници, играорци, исполнители на народни инструменти и пејачи, достојно го претставуваат минатото, духовната и материјалната култура, она што претставува генетскиот код на еден народ. Пораката може само да се почуствува и доживее.

Ансамблот е оформен 2012 година. Реализирал турнеја во Јапонија, Холандија, Бугарија, Германија, Србија, Турција, Полска, Литванија и низ многу градови во земјава. За седум години имал повеќе од 500 концерти. Добитник е на бројни награди и признанија.

Loading