Ангелов на седница на Кризниот штаб во Општина Прилеп, заради сериозноста на пожарот во Мариово

Вечерва, се одржа Кризен штаб во Општина Прилеп, предводен од началникот, Ирена Штерјоска Локвенец, заради големиот пожар што е активен во областа Мариво. Заради сериозноста на пожарот на кризниот штаб присуствуваше и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Во зависност од временските услови имало можност да бидат загрозени селата во близина, но сепак се обезбедувани од професионални пожарникари на ТППЕ Прилеп и од околните населени места, а на помош е планирано да дојдат пожарникари од ТППЕ од соседни и други општини во државата. Се бранат селата Бонче, Крушевица, Дуње, Пештани и Кален.

Од неделата тимови на ТППЕ Прилеп се на терен во таа област, а вчера и денес поради големиот чад гаснењето со воздушна поддршка беше отежнато. Исто така, ангажирани се и сите материјално – технички средства на Јавните претпријатија од Општина Прилеп.

Во координација со соседните општини и нивните противпожарни единици обезбедена е поддршка од Битола, Кавадарци, Новаци, Могила и Ресен, а се координира и помош од други општини.

Во текот на утрешниот ден повторно ќе се активира воздушна поддршка од АРМ и ДЗС, ќе има и поддршка од 120 лица од кои 70 од АРМ, 20 од специјалните единици на МВР и 30 од Национални шуми.

Кризниот штаб ќе заседава и ќе биде во координација со единиците на терен сѐ додека пожарот не биде локализиран.

Loading