Даниел Мелвил Македонска рапсодија 44

Смртта не е добар начин да се излезе од животот

Некои нé викаа “четворицата мускетари”, бидејќи бевме неразделни. Лионел, кого го викавме Лион (Лав), Хуберт или, скратено Берт, Камен, кој се претставуваше како Каме и јас, Роже. Постари ергени, практично секој ден после нашата работа се собиравме де кај едниот, де кај другиот, понекогаш и на јавни места, во ресторани или слаткарници во главниот град на Савоја, Шамбери, популарно нарекуван Шамбе. Времетои минеше во долги разговори, дискусии за разни прашања, слушање музика, или гледање и коментирање филмови од видеокасети. Повремено еден или друг беше отсутен заради некоја галантна средба или од друга причина.

Животот, природата, вселената, се полни со мистерии, необјаснети таинствени појави. За еден таков случај овде накусо ќе раскажам заради тоа што централната личност беше еден од нас четворицата. Каме, македонски емигрант, наш училишен другар. Немаше фамилија или, како што еднаш изјави, ние му бевме единственото семејство. Работата почна неосетно, на еден од нашите бескрајни разговори во пространиот стан од Лионел, ситуиран во неколкувековна зграда во стариот град, во строгиот центар на Шамбери. Некој од нас насмеа потсети на мислата што понекогаш луѓето ја цитираат: “Во животот човекот не треба да се грижи, оти како и да е, од животот не се излегува жив”. Сите се насмеавме, ги кренавме чашите, запаливме цигари, тешејќи се со една друга мисла што вели дека “Во животот од нешто мора да се умре, од тутун или од друго”, па се слушна гласот од Камета:

– Сигурно ли е дека од животот се излегува само со смрт?

– Сигурно е, ами како, не сме сите Исус Христос за да воскреснеме – му реплицира Хуберт, чие име, се изговорува приближно Ибер.

– Во тоа не сум сигурен. Може да постојат и други излези – одговори Каме.

– Да не мислиш на трансмиграцијата на душите, на реинкарнација? Јас во тоа не верувам, му забележав.

– Не, не мислам и на тоа.

Лионел, висок близу два метри, стана, и одејќи кон фрижидерот да донесе пиво, се смеша:

– Каме, како обично, си заразен од античките македонски суеверија. Напиј се подобро од пивово и заборави ги остатоците од древните верувања.

– Не, Лион, не мислам на тие верувања, иако некои од нив не треба да се земат лежерно, без да се размисли и да се види дали се без основа.

– На што алудираш? Биди појасен, не зборувај со алузии, со гатанки, пак се смешав во разговорот.

– Мислам на нешто сосема друго…

– Што мислиш друго, животот е живот и смртта е смрт? – праша Хуберт.

– Мислам на нешто што не е апсурдно како смртта.

– На бессмртноста на душите, на вечниот задгробен живот во рај или во пекол?, со иронија во тонот рече Лионел.

– Не, си замислувам нешто што не е нити сосема живот, нити сосема смрт. Нешто што е некаков вид постоење што сосема ги надминува нашите можности да си претставиме што точно е тоа. Со еден збор, како со илјада, формули да направм хипотеза дека од животот единствен излез не е смртта.

– Доста се шеги, да преминеме на посериозни теми, го укорив пријателски.

– Ни најмалку не се шегувам. Повторувам, смртта не е добар начин да се излезе од животот и додавам: постојат други, и тоа добри, нејасни начини да се излезе од овој наш живот.

(продолжува) 

Loading