ИНМЕМОРИАМ: КИРИЛ АТАНАСОСКИ – БИКЕРЕС

На 90 години почина Кирил Атанасоски – Бикерес, голема фудбалска ѕвезда од Прилеп.

За екипата Победа на деснокрилната позиција одигрува меѓу 1949 и 1965 година во Републичката лига, Четвртата зона, Купот на Југославија, Втората југословенска лига…

Тој е велемајсторот за слободни удари, корнери и „ножички“.

– Многу натпревари одиграв, но за најдобриот немам дилеми. И денес ми велат дека не се заборава голот со ,„ножички“.

Се случи непосредно пред 1 мај, мојот роденден, во 1960 година кога игравме дома со фаворитот Спартак од Суботица.

Победивме 3:0, а тој беше третиот гол. Топката беше фрлена од аут, примена на гради и од гради преку ,„ножичките“ во подалечниот горен агол на голот кај старата болница.

Бидејќи бев свртен со грбот, не ја видов топката.

Се закачила во аголот каде што имаше свиткано железо да ја држи мрежата – раскажуваше Бикерес.

Бикерес по играчката кариера продолжува како фудбалски тренер во младинската школа, а од неговата работа се многу фудбалери кои во седумдесеттите, осумдесеттите и деведесеттите години од 20 век настапуваа за Победа.

Loading